Врвот на пензиската пирамида го делат само осум пензионери, секој со по 94.332 денари. Во нејзината поширока основа се речиси 100 илјади пензионери со месечни примања од 20.228 до 23.945 денари. Тука се лоцираат и најголемите поддржувачи на линеарното зголемување, кои се надеваат дека со неколку изедначени потези можат да се санираат штетите направени години порано.
Мисијата е невозможна. Од што зависи висината на пензијата? Одговорот на прв поглед изгледа едноставен, но начинот на кој таа се пресметува е значително покомплексен, вели поранешниот даночник, а сега пензионерски активист, Славко Лазовски и посочува – најважно е да се утврдат факторите што влијаат врз пензијата и самата формула според која се пресметува.
„Пензијата од државниот, односно првиот пензиски столб, зависи од четири главни елементи: вкупниот пензиски стаж; просечната плата што осигуреникот ја остварувал во текот на работниот век; коефициентите за валоризација, со кои старите плати се усогласуваат со денешните услови; пензиската стапка, која се пресметува според бројот на години стаж“, објаснува Лазовски.
Со други зборови, клучни се годините стаж и уплаќаните придонеси. Во македонската долгогодишна пракса, голем дел од вработените се пријавувани на минималец, а остатокот од платата е исплаќан во кеш. Тоа автоматски се одразува кај висината на пензискиот придонес. Освен тоа, државата ги толерира(ше) работодавачите кои се „снаоѓаат“ и не ги плаќаат овие давачки.
Што се однесува до пензијата, во пракса, пресметката се одвива во две фази.
„Прво се утврдува пензиската основица. Таа претставува просечната вредност на платите на осигуреникот, усогласени преку законските коефициенти за валоризација. Потоа се пресметува пензиската стапка, која зависи од должината на стажот. За секоја година стаж се признаваат 0,75 проценти за мажи и 0,86 проценти за жени. Ако во одредена година лицето има помалку од шест месеци осигурување, стапките се преполовуваат, на 0,375 проценти за мажи и 0,43 проценти за жени“, укажува тој.
Поедноставено, формулата изгледа вака:
пензија = пензиска основица × пензиска стапка / 100
Комплексноста ја прават огромниот број исклучоци, што најчесто значат намалување и тоа како кај пензиската основица, така и кај пензиската стапка. Лазовски вели дека токму овде започнува сложеноста на системот:
„Во законот има голем број исклучоци и посебни правила кои влијаат и врз пензиската основица и врз пензиската стапка. Затоа пресметката е многу потешка отколку што изгледа на прв поглед“.
Според него, за разлика од македонскиот модел, српскиот пензиски систем има значително поедноставна методологија, па речиси секој пензионер може сам да ја провери пресметката на својата пензија.
ВТОР СТОЛБ: ПЕНЗИЈАТА ЗАВИСИ ОД ВАШАТА ЛИЧНА СМЕТКА
За разлика од првиот столб, кај вториот нема сложена формула за пресметување на основица и стапка. Износот на пензијата зависи исклучиво од тоа колку средства се акумулирани на индивидуалната сметка на осигуреникот. Во неа се собираат: сите уплатени придонеси; и приносите што ги оствариле пензиските друштва преку инвестирањето на тие средства. Засега, за идните пензионери се обезбедени приноси од над една милијарда евра. Тој износ претставува една третина од средствата акумулирани кај приватните пензиски друштва, кои по нешто повеќе од 20 години се на нивото од 3,4 милијарди евра.
„Колку подолго трае членството, колку повисоки се уплатите и колку подобри се приносите, толку поголема е акумулираната сума, а со тоа и идната пензија“, нагласува Лазовски.
По стекнувањето право на старосна пензија, осигуреникот може да избере еден од законски предвидените начини на исплата: доживотен непосреден ануитет; програмирани повлекувања; комбинација од привремени програмирани повлекувања и одложен доживотен ануитет. Освен тоа, парите од сметките во вториот столб се наследни.
„Постапката започнува со поднесување барање до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, кој носи решение за пензионирање. Решението, со елементите што ги содржи, е поразлично од она за лицата кои пензијата ја остваруваат од првиот столб. Потоа исплатата од средствата во вториот столб се организира преку Центарот за електронски систем за котација“, вели Лазовски.
КОЈ СТОЛБ Е ПОСТАБИЛЕН?
На ова прашање Лазовски има краток одговор: „И двата се стабилни“.
Според него, разликата е во начинот на кој се обезбедува нивната одржливост. Вториот столб се засилува преку приносите што ги носат инвестициите на индивидуалните сметки, додека првиот столб се одржува со трансфери од државниот буџет кога приходите од придонеси не се доволни за исплата на пензиите.
Тој смета дека наместо стравови и дилеми околу иднината на пензискиот систем, фокусот треба да биде ставен на негово подобрување, поголема транспарентност при пресметката на пензиите и постепени реформи кои ќе обезбедат повисоки пензии за идните генерации.
М.А.
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








