Македонија повторно е зафатена од силен топлотен бран, а температурите кои на повеќе места ќе надминат 40 степени ги активираа предупредувањата на надлежните институции. Земјата е во портокалова фаза на метеоаларм, што значи висок ризик по здравјето на населението, а Сојузот на синдикатите на Македонија побара од работодавачите строго да ги почитуваат мерките за безбедност и здравје при работа.
ССМ бара во најтоплиот дел од денот да се намали или, каде што е можно, целосно да се прекине работата на отворено, особено за работниците изложени на директно сонце. Од работодавачите бара да обезбедат доволно вода, соодветна заштитна опрема, почести паузи и услови што ќе го намалат ризикот од топлотен удар и исцрпеност.
„Значењето на животот и здравјето на работниците, во овие услови на екстремно високи температури е од исклучителна важност и сите заедно треба да го зачуваме здравјето на работниците и граѓаните, тие се двигатели на општеството.
Работодавачи зачувајте го здравјето на работниците тие се ваши партнери!“, истакнуваат од ССМ.
Посебно внимание, според Синдикатот, треба да се посвети на повозрасните работници, хронично болните и бремените жени, кои се најранливи во услови на екстремно високи температури. Од ССМ потсетуваат дека здравјето и животот на работниците мора да бидат приоритет и ги повикуваат компаниите да ги почитуваат сите законски обврски за безбедност и здравје при работа.
Воедно, работниците се охрабруваат да пријават прекршување на нивните права, а можат да се обратат и директно до ССМ на [email protected] и преку мобилната апликација ССМ – мои работнички права:
„Работници почитувајте се , спроведувајте ги мерките за безбедност и здравје при работа , а доколку тоа право не ви се почитува пријавете кај вашиот синдикален претставник , претставникот на работниците за БЗР и Државниот инспекторат за труд!“.
Што носи портокаловата фаза?
Портокаловата фаза на метеоаларм означува опасни временски услови со сериозен ризик по здравјето. Во оваа зона, според препораките на институциите, се преземаат дополнителни мерки за заштита: бремените жени и лицата постари од 60 години се ослободуваат од работни обврски; се препорачува прекин на тешките физички активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот; работните процеси треба да се реорганизираат за да се избегне изложеност на највисоките температури; на сила останува забраната за движење во шумите поради исклучително висок ризик од пожари.
Жолтиот метеоаларм претставува предупредување за повисоки температури и потреба од претпазливост, додека црвената фаза е највисоко ниво на опасност, кога температурите надминуваат 42 степени и се воведуваат најстроги ограничувања.
„Пламна“ бројот на итната помош
Последните денови притисокот врз здравствениот систем се зголемува. Итната медицинска помош во Скопје бележи повеќе од 200 интервенции дневно, најчесто поради колапси на јавни места, дехидрација и влошување на состојбата кај лица со срцеви и белодробни заболувања.
Освен здравствените ризици, екстремната жештина значително ја зголемува и опасноста од шумски пожари. Сувата вегетација и високите температури создаваат услови за брзо ширење на огнот, поради што надлежните институции повторно апелираат граѓаните да ја почитуваат забраната за движење во шумите и да избегнуваат какво било однесување што може да предизвика пожар.
Лекарите препорачуваат граѓаните да избегнуваат престој на отворено во најтоплиот дел од денот, да внесуваат повеќе течности, да носат лесна и светла облека и да обрнат особено внимание на децата, повозрасните лица и хронично болните. Само со почитување на препораките и соодветна организација на работните обврски може да се намалат последиците од актуелниот топлотен бран.
Аналитика








