ПОВЕЌЕ

    Македонскиот минималец во европска конкуренција – најбрз раст, ниска позиција

    Време зa читање: 4 минути

    Разликите кај европските минимални плати се големи – од неколку стотици евра во дел од земјите кандидати и источна Европа, до над 2.700 евра во најбогатите членки на ЕУ. Споредбата само преку износот во евра не ја покажува целосната слика, бидејќи стандардот на граѓаните во голема мера зависи и од трошоците за живот.

    Според најновите податоци на Евростат за јули, највисока бруто минимална плата во Европа има Луксембург со месечно 2.771 евро. Следуваат Ирска со 2.391 евро, Германија со 2.343 евра, Холандија со 2.338 евра и Белгија со 2.234 евра. Франција е веднаш зад оваа група со минимална плата од 1.867 евра.

    Во средината на европската скала се земјите со минимална плата во опсег од 1.000 и 1.500 евра, меѓу кои се Словенија, Шпанија, Литванија, Полска, Кипар, Грција, Португалија и Хрватска. Најниски минимални плати имаат Украина со 169 евра и Молдавија со 313 евра, додека во Европската Унија најниска е минималната плата во Бугарија со 620 евра.

    Македонија со бруто износот од 624 евра е во долниот дел на европската скала по номиналниот износ на минималната плата.  Се наоѓа меѓу земјите кандидати за членство во ЕУ кои имаат национално утврден минимален праг. Во номинална споредба, државата е далеку не само зад западноевропските економии, туку и зад дел од земјите во регионот.

    Според споредливите бруто износи на Евростат, Македонија со околу 624 евра е под Србија (743 евра) и Црна Гора (670 евра), но е речиси на исто ниво со Турција (621 евро). Сепак, овие разлики треба да се гледаат во контекст на различните нивоа на цени и трошоци за живот.

    Македонија има најголем раст на минималната плата меѓу анализираните земји во периодот од јануари до јули годинава. Според податоците на Евростат, бруто минималната плата е зголемена за 6,9 проценти, што е највисок раст меѓу анализираните земји. Следуваат Романија и Естонија со раст од по 6,8 проценти, Белгија со 5,8 проценти, Грција со 4,5 проценти, Луксембург со 2,5 проценти, Франција со 2,4 проценти и Холандија со 1,9 проценти.

    Кога минималните плати се споредуваат според стандардот на куповната моќ (PPS), разликите меѓу земјите се намалуваат, бидејќи овој показател ги зема предвид разликите во цените на производите и услугите и покажува колкава е реалната вредност на примањата. Според Евростат, по прилагодувањето според ценовните разлики, Германија останува на врвот со над 2.100 PPS, пред Луксембург, Холандија, Белгија и Ирска.

    За Македонија, пресметката според куповната моќ ја подобрува позицијата во однос на номиналната споредба. Со 1.142 PPS земјата е пред неколку членки на ЕУ, меѓу кои Малта, Словачка, Унгарија и Чешка. Тоа укажува дека пониските цени во земјата делумно ја компензираат пониската минимална плата, но не и дека животниот стандард е споредлив со западноевропските економии.

    Според најновите податоци, мерено според куповната моќ, вредноста на бруто минималната плата во Македонија во јули 2026 година е повисока во споредба со седум земји членки на ЕУ, таа е повисока од сите земји од Западен Балкан и од Турција.

    Поттикнат од најновите податоци, со коментар на платформата Икс се огласи гувернерот на Народната банка, Трајко Славески:

    „Според најновите податоци од Евростат, мерено според куповната моќ, вредноста на бруто минималната плата во Македонија во јули 2026 година е повисока во споредба со седум земји членки на ЕУ, таа е повисока од сите земји од Западен Балкан и од Турција.

    Чекајте малку — нели ова го кажав уште во јуни минатата година?“, напиша гувернерот, потсетувајќи дека таа негова изјава наишла на „јавен линч“.

    Генерално, ставот на Славески е дека растот на платите треба да биде усогласен со растот на продуктивноста, бидејќи во спротивно може да се создадат инфлациски притисоци и да се намали конкурентноста на домашната економија. Според него, повисоките примања се одржливи само ако се резултат на поголема продуктивност и повисока додадена вредност во економијата.

    Познато е, минималната нето-плата е во износ одд 26.046 денари, или нешто над 420 евра. А, според последната пресметка на ССМ, на четиричлено просечно семејство во јули му биле потребни 68.498 денари, односно повеќе од 1.100 евра за покривање на основните месечни трошоци. За семејствата што живеат под кирија, минималните трошоци се 83.873 денари (1.360 евра). И покрај растот на минималната плата, таа не може многу да придонесе за покривање на основните животни потреби.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично