Мало шише со вода 200 денари, нескафе – исто толку, две порции сладолед со по две топки 560 денари, салата 300 денари, ќебапче 30 денари…
Ова се дел од цените што на социјалните мрежи ги споделуваат нервозните граѓани, а кои може да се забележат во голем број угостителски објекти, било да е во Скопје, или во Охрид. Во помалите места може да се пронајдат значително поскромни цени.
Рестораните, иако навидум полни и преполни, за многумина стануваат недостапни. Иако за изминатиот празник вриеше од народ во Охрид, преплавен од тинејџери, родителите ова задоволство ги чинеше прескапо. Покрај сладоледот, пицата и други ситни задоволства, секако, мораше да се обезбеди и стан. Стан за тројца се издаваше по 90 евра, нешто подалеку од езерото, за двајца можеше да се најде и за 50 евра од ноќ. Цените полека ќе се потсмират, но и понатаму и креветот и кафеанското столче во Македонија веќе се далеку од она што некогаш биле.
Државниот завод за статистика пресмета дека само за една година (јули годинава во однос на ланскиот јули) цените во угостителско-туристичкиот сектор се зголемиле за 3,2 насто. Од ресторанската храна најмногу поскапеле готовите јадење – за 6,5 насто. Предјадењата чинат 3,5 насто поскапо во однос на цените од пред една година, слатките 5,3, алкохолните пијалаци – 3,2, а безалкохолните 2,1 насто. Ноќевањата, пак, се поскапи за 6,7 насто.

Угостителите и хотелиерите со кои разговаравме тврдат дека не можат да одат под сегашните цени.
„За да ги задржам работниците ги плаќам цела година, а не само во сезона, иако во Охрид зиме речиси и да нема никој, освен ако фатиме некој семинар. Но, не е како порано. Нема ни толку семинари, а и хотелите се намножија, па буквално се води битка за работа“ – вели еден хотелиер од охридското крајбрежје.
Покрај езерскиот туризам, кој секако е најактуелен, високите температури влијаат и врз планинскиот и етно туризам, каде што „бегаат“ голем број наши сограѓани. Но, и тука треба ширум да се отвори паричникот. На пример, за популарната „Куќа на Мијаците“ во близина на Бигорски манастир, за закуп на трикреветно сместување за една ноќ, за викенд, треба да се издвојат 4.600 денари. Секако, дополнително треба да се платат специјалитетите што ги нуди оваа куќа.
Берово е вообичаена асоцијација за спас од летните горештини. Но, за викендот што е пред нас, најевтиното сместување за двајца за една ноќ, барем што ние го пронајдовме, е 3.800 денари.
Во многу етно ресторани има храна што навистина е празник и за очи и за уста. Но, не ретко се бројни поплаките на граѓаните не се само за цените, туку и за квалитетот на услугите и за квалитетот на добиеното во угостителските објекти. Едуцирани угостители сѐ потешко се наоѓаат. Многумина не знат како да послужат, како да се однесуваат со гостите, не ги знаат пијалаците, видовите вино… Се штеди и на квалитетни производи за подготовка на храна. Сѐ на сѐ, се губи шмекот на некогашниот боемски живот што се негуваше во Македонија, а особено во Скопје.
Редакција Пари
Аналитика








