Работниците во германската автомобилска индустрија во понеделникот одржаа протести низ целата земја, барајќи од владата и од раководството на компаниите да преземат мерки за заштита на работните места и фабриките во сектор кој се соочува со сериозни предизвици.
Растечката кинеска конкуренција, во комбинација со слабата домашна побарувачка и американските царини, силно ја погодија германската автомобилска индустрија.
„Фолксваген“ планира да укине 100.000 работни места до крајот на деценијата, што претставува најголемо преструктуирање во историјата на глобалната автомобилска индустрија. „Мерцедес-Бенц“ и БМВ исто така го намалуваат обемот на работењето.
Според синдикатот „ИГ Метал“ (IG Metall), речиси 180.000 луѓе учествувале во протестите на повеќе од 280 локации низ Германија.
Јаник Хицеман (31), работник на производна линија во фабриката на „Фолксваген“ во Хановер – една од четирите фабрики во Германија за кои постои можност да бидат затворени – изјави за АФП дека протестира за да изврши притисок врз раководството да најде друга намена за таа локација. „Сè што сакаме е Управниот одбор сериозно да ги сфати нашите барања за алтернативно решение“, рече тој. „Губењето на работното место би било погубно за поединецот“, додаде тој.
Говорејќи во култната фабрика на „Фолксваген“ во Волфсбург – најголема во светот според површината – Кристијане Бенер, лидер на „ИГ Метал“ и член на Надзорниот одбор на „Фолксваген“, изјави: „Ситуацијата стана критична“. „Компаниите како ’Фолксваген‘, БМВ, ’Ауди‘, ’Бош‘, ’Мерцедес‘ и ’Порше‘ беа синоним за фантастични автомобили и висок квалитет“, рече таа. „Сега, раководството ја води индустријата со полна брзина право во ѕид.“
СЕ БАРА ДРЖАВНА ПОДДРШКА ЗА ИНДУСТРИЈАТА
Многумина ја припишуваат вината за проблемите во индустријата на раководството, бидејќи предоцна започнало со транзицијата кон електрични возила и пребавно инвестирало во софтвер.
Други укажуваат на поддршката што кинеската влада им ја дава на домашните производители на автомобили – потег за кој многумина во Европа сметаат дека неправедно довел до прекумерен капацитет во глобалната автомобилска индустрија.
Германскиот министер за финансии Ларс Клингбајл минатата недела изјави дека ќе се залага Европската унија дополнително да ги заштити европските производители на автомобили од кинеските конкуренти, нагласувајќи дека е важно да не се биде „наивен“.
Во своето обраќање во понеделникот, Бенер ја повика владата да ја намали цената на енергијата, да обезбеди финансиска помош за добавувачите кои треба да ги пренаменат своите фабрики и да го поттикне домашното производство преку правила од типот „Произведено во ЕУ“. „Во овие бурни времиња, колегите мора да можат да сметаат на заштита преку сеопфатна социјална политика и политики за заштита на работничките права“, рече таа.
Исто така, говорејќи во Волфсбург, Даниела Кавало, претседателката на работничкиот совет на „Фолксваген“, им соопшти на колегите некои „болни“ вистини.
„Европската автомобилска индустрија ќе претрпи темелна трансформација“, рече таа. „Долгогодишните производители на автомобили ќе отпаднат од пазарот. Други ќе мора да се спојат.“ „Борбата за тоа како да се подели товарот веќе започна“, додаде таа. „Прашањето не е што ќе се бара од нас како вработени да прифатиме, туку како колективно и правично да ги распределиме жртвите меѓу себе.“
Волфганг Шредер, политиколог од Универзитетот во Касел кој ги истражува работничките односи, изјави за АФП дека протестите одразуваат длабока загриженост за иднината на автомобилската индустрија. „Акција на национално ниво која не е поврзана со преговори за плати или со конкретни спорови со компаниите, туку се однесува на целиот сектор и неговите проблеми – тоа е прилично нова појава“, рече тој. „Тоа е израз на вистински страв за иднината на индустријата.“
(Фото: Alexander Von Spretl)
Аналитика








