Во Македонија има капитал подготвен да влезе во хартии од вредност. Ако нема добри домашни инвестициски прилики – логично е тој капитал целосно да оди во странство, истакна главниот извршен директор на Македонска берза, Иван Штериев, говорејќи на јубилејната 25. Годишна конференција на Македонска берза што се одржува во Охрид
Вложувањето на македонските граѓани и компании во странски хартии од вредност станува сè позначаен фактор за домашниот пазар на капитал. Само преку домашните финансиски посредници, без трансакциите преку интернет-платформите, во 2024 година прометот во странство надминал 110 милиони евра и бил поголем од прометот на Македонската берза.
Трендот дополнително се засилува годинава. Според податоците на Комисијата за хартии од вредност што ги посочи Штериев, во првите шест месеци прометот на странските пазари надминал 89 милиони евра.
Штериев смета дека вложувањето во странство е легитимен и неминовен процес, но домашниот и странските пазари мора да имаат рамноправен даночен третман:
„Сè позначајна тема станува вложувањето на домашните инвеститори во странски хартии од вредност. Македонска берза отсекогаш била заговорник дека во пазарна економија ова мора да биде дозволено. Тоа е неминовен процес и легитимен избор. Диверзификацијата има економска логика, а пристапот до светските пазари никогаш не бил полесен.
Но, токму затоа мора да има рамноправни услови за игра на домашниот и странските пазари. Особено кај оданочувањето на капиталните добивки. Тука се важни начинот на евидентирање и пријавување, признавање на трошоците и загубите и наплата на данокот. Домашниот пазар не смее да биде во понеповолна положба затоа што трансакциите на него се потранспарентни и полесно достапни за даночната администрација“.
Македонски инвестициски сметки
Во таа насока Штериев предлага воведување македонски инвестициски сметки, по примерот на решенијата што веќе се развиваат во повеќе европски земји:
„Време е и кај нас сериозно да разговараме за воведување на т.н. македонски инвестициски сметки. Цела Европа зборува за тоа. Словенија веќе воведе ваков модел. Хрватска неодамна го претстави нејзиниот модел и планира да го имплементира следната година. Германија, после децении конзервативна политика, оди кон воведување на капитално поддржана компонента на пензискиот систем и го отвора прашањето како долгорочното штедење да се поврзе со пазарни инвестиции.
Пораката насекаде е иста – економиите што сакаат повеќе инвестиции мора подобро да го поврзат долгорочниот капитал со продуктивниот корпоративен сектор. Тоа е и суштината на т.н. Унија за штедење и инвестирање на Европската Комисија.
Логиката е едноставна. На сопствените граѓани треба да им се понуди едноставна сметка за инвестирање во хартии од вредност, со помалку администрација и со даночни поволности што го поттикнуваат долгорочното вложување. Притоа, треба да се стимулира вложувањето во домашни компании“.
Младите инвеститори создаваат навики – но надвор од домашниот пазар
Штериев предупреди и на генерацискиот аспект. Младите веќе инвестираат, но Македонската берза често не е дел од нивниот избор:
„Македонската инвестициска сметка може да помогне посериозно да ги вклучиме и помладите инвеститори. За ова зборувам често во јавноста. Во меѓувреме, младите формираат инвестициски навики. Нашиот пазар најчесто не е присутен во нивниот избор.
Секако, покрај економските стимулации за млади инвеститори, потребна е и континуирана едукација, дигитални алатки за онбординг и тргување, разбирливи информации за компаниите и трошоци што имаат смисла и за мали износи“.
Странското тргување не е мерка за развиен домашен пазар
Според Штериев, растечкото посредување на странските пазари може да биде добар бизнис за финансиските посредници, но не создава ист ефект за домашната пазарна инфраструктура:
„Трендот на интензивно тргување на македонските резиденти во странство нè води и до една друга тема за којашто треба да зборуваме отворено. Финансиските посредници можат да го надоместат послабото домашно тргување со поголеми активности на странските пазари. Тоа е разбирливо деловно однесување. Но, таквите трансакции не создаваат соодветна активност и приходи за домашната пазарна инфраструктура. Успешноста на посредување во странство не е доволна мерка за развиеноста на локалниот пазар.
На македонските компании им е потребен функционален домашен пазар за прибирање капитал. И волја и поттик да го користат овој механизам“.
Штериев ја поврза темата и со средствата на приватните пензиски фондови, посочувајќи дека развојот на домашниот пазар треба да создаде повеќе можности долгорочното домашно штедење да се инвестира во македонската економија.
„Развојот на домашниот пазар на капитал е во директна корелација со начинот и ефектите од вложувањата на средствата на приватните пензиски фондови. Не можеме постојано да констатираме дека најголем дел од ова долгорочно домашно штедење се инвестира во странство и во државни хартии од вредност, дека не носи адекватни приноси, а да не работиме активно на севкупното унапредување на македонскиот пазар што ќе го привлече и оплоди тоа штедење“, истакна Штериев.
Р.П.
Аналитика








