Македонскиот пазар на капитал годинава бележи послаб промет и помала активност во класичното тргување, а истовремено и силен раст на блок-трансакциите, кои се добредојдени, но сепак, ликвидноста произлегува од купопродажните трансакции. Берзата сѐ уште се соочува со старите проблеми – тесна понуда на финансиски инструменти и ограничениот прилив на нови инвеститори. Промена може да донесе реализацијата на проектот за подготовка на домашните компании за пазарно финансирање. Интерес за тоа има – за 10 места во pre-ipo проектот се пријавиле повеќе од 20 компании, рече главниот извршен директор на Македонска берза, Иван Штериев, во воведното обраќање на отворањето на 25. Годишна конференција во Охрид.
„Ако почнеме од бројките, а на берзанска конференција од тоа нема бегање, 2026 година досега е послаба од претходната.
Заклучно со 15 септември, вкупниот промет изнесува околу 89,8 милиони евра, односно околу 8 проценти помалку од истиот период лани. Но, зад овој релативно умерен пад има позначајна промена во структурата. Класичното тргување е околу 45,6 милиони евра и е намалено за 27 проценти. Блок-трансакциите, пак, надминуваат 40 милиони евра и се зголемени за околу 159 проценти. Просечно дневно во БЕСТ системот се склучуваат 68 трансакции, наспроти 85 лани. МБИ10 на 15 септември изнесуваше 9.151 поен, што е за околу 8,9 проценти пониско мерено од крајот на 2025-та или 12 проценти под нивото на истиот датум минатата година.
Значи, големите трансакции значително го поддржуваат вкупниот промет, но секојдневното класично тргување е видливо потивко. Токму оваа разлика е важна. Блок трансакции се добредојдени, но ликвидноста произлегува од тоа колку често, брзо и лесно инвеститорите купуваат или продаваат“, истакна Штериев.
Актуелните движења треба да се гледаат и во контекст на силниот раст од претходниот период, но и на старите структурни ограничувања на македонскиот пазар – тесната понуда на финансиски инструменти и ограничениот прилив на нови инвеститори.
„Според нас, треба да ги гледаме во контекст на претходниот силен раст на прометот и цените, како и долгогодишните познати ограничувања на нашиот пазар. По период на раст, дел од инвеститорите ги реализираат добивките, а потенцијалните купувачи повнимателно ги мерат цените и очекуваните приноси. На плиток пазар, како нашиот, со мал број активни учесници, и релативно мали промени во расположението можат значајно да се почувствуваат.
Глобалното окружување исто така генерира претпазливост. Геополитичките ризици, цените на енергенсите и движењето на каматните стапки повторно се во фокусот. Сепак, главните американски берзански индекси се во убав плус од почетокот на годината, а некои од регионалните пазари, како Загрепската и Љубљанската берза, исто така бележат одлични резултати.
Значи, состојбите кај нас овој пат не можеме едноставно да ги објасниме со некаков општ берзански сентимент.
Основните карактеристики на нашиот пазар остануваат тесната понуда на финансиски инструменти и ограничениот прилив на нови инвеститори од сите видови. Истовремено, домашните инвеститори имаат сè поширок избор на странските берзи. Тоа го менува окружувањето во кое работиме“, рече Штериев.
Повеќе од 20 компании за 10 места во pre-ipo проектот
Како еден од најважните развојни чекори, Штериев го издвои проектот за подготовка на домашните компании за пазарно финансирање, поддржан од ЕБОР. За десетте места се пријавиле повеќе од 20 компании.
„Со него правиме конкретен исчекор во еден од нашите најважни развојни приоритети – да создадеме поширок круг компании што ќе можат својот раст да го финансираат преку Берзата. На интересот што го развивавме преку функционирањето на БУМ клубот сега му даваме организирана експертска поддршка. Преку ангажираните консултанти од PwC од Македонија и Хрватска, сопствениците и менаџерите добиваат лидерска обука, индивидуална процена на подготвеноста на нивните компании, рамковна евалуација и конкретни препораки за можностите за издавање акции или обврзници“, наведе Штериев.
Но, нагласи, Македонска берза ги поврзува компаниите со експерти, го намалува трошокот на подготовката и им помагаме сериозно да ја разгледаат оваа опција, а „одлуката да се издадат акции или обврзници, сепак, ја носи самата компанија“.
Финалната селекција ќе се направи набрзо, најави Штериев, изразувајќи надеж дека „од оваа прва група компании ќе произлезе некоја што ќе каже – подготвени сме да ја отвориме и вратата на пазарот на капиталот“.
Со новата регулатива до пазар на растечки компании
Вториот важен процес, според Штериев, е почетокот на примената на новата законска регулатива усогласена со европските правила.
„Од неа очекуваме да донесе најсовремени пазарни стандарди и услуги, нови модалитети за проширување на пазарната понуда и зголемена сигурност за инвеститорите. За нас големо значење има просторот за развој на т.н. пазар на растечки компании. Се надеваме дека во врска со ова ќе биде прифатена и нашата заложба за максимална примена на европските лимити и дозволување на поголем износ за прибирање на капитал според поедноставена процедура. Подготовката на потенцијалните издавачи и регулаторното отворање на овој пазарен сегмент треба да се движат усогласено. Затоа и го тераме овој pre-IPO проект со ЕБРД“, вели Штериев, истакнувајќи дека во овој дел е потребна исклучително тесна координација со Министерството за финансии, особено со Комисијата за хартии од вредност.
Регионален ЕТФ во втората половина на 2027 година
Штериев се осврна и на проектот Junctus, во кој Македонската берза учествува заедно со берзите од Варшава, Будимпешта, Братислава, Букурешт, Љубљана, Загреб и Софија. Како единствена берза што е надвор од ЕУ, присутна е преку специјална покана – wildcard. Поради тоа, нагласи Штериев, потребно е што побрзо да добиеме адекватна европска регулаторна усогласеност:
„Првиот конкретен резултат што го очекуваме од Junctus проектот е регионален ЕТФ, со вклучување на неколку акции од нашиот пазар и со последователна котација на овој ЕТФ и на Македонската берза. Со еден инструмент, македонски blue-chip акции ќе станат дел од поширока атрактивна инвестициска понуда и ќе добијат дополнителна видливост и побарувачка. Домашните инвеститори, од друга страна, ќе добијат пристап да вложуваат преку Македонска берза во педесетина првокласни компании во Централна и Југоисточна Европа“.
А, за успешна реализација – „треба целосно да се усогласат сите потребни локални правила и оперативни постапки, да се воспостават депозитарни врски, вклучително и со ЦДХВ, и конечно некој од нашите членки да влезе во маркет мејкерство“.
Планот за лансирање на овој регионален ЕТФ е во втората половина на 2027 година.
Штериев порача дека од конференцијата очекува конкретни следни чекори – компании што ќе почнат подготовка за емисија, посредници што ќе развијат нови услуги и институции што ќе се договорат како да ги отстранат пречките пред развојот на пазарот.
Р.П.
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








