За успешно ИПО не се доволни само добри финансиски резултати и одлука да се излезе на берза. Потребни се години подготовка, јасна и разбирлива инвестициска приказна, транспарентно финансиско известување, добро корпоративно управување и, особено на малите пазари, активно учество на малите инвеститори.
Такво е искуството на хрватската градежна компанија Инг-Град, чиј излез на Загрепската берза беше посочен како пример за тоа како една приватна компанија може преку пазарот на капитал да ја финансира следната фаза од својот развој. За тоа што сѐ е потребно за да успее тој потфат, на 25. Годишна конференција на Македонска берза говореше Иван Аугустин од Одборот на директори на Инг-Град.
Инг-Град е една од поголемите градежни компании во Хрватска, со повеќедецениско присуство на пазарот и со над 200 реализирани проекти. Пред излегувањето на берза компанијата веќе имала силни деловни резултати, но менаџментот и сопствениците биле исправени пред прашањето како да се финансира следната фаза од растот.
Една од главните причини била потребата за нов капитал. Во градежништвото, каде задолжувањето може да создаде значителен товар, компанијата избрала капитално финансирање како основа за поголеми проекти и потенцијални преземања.
Но, ИПО-то имало и поширока цел – институционализација на компанијата, решавање на прашањето за наследувањето на основачот и подигнување на корпоративното управување на повисоко ниво.
Основачот, кој воедно бил претседател на компанијата, се приближувал кон период кога требало да размислува за повлекување. Една од опциите била продажба на компанијата, а другата – создавање систем кој ќе може да функционира и по неговото активно учество. Токму тука берзата била избрана како механизам преку кој компанијата ќе се институционализира, ќе добие поголема транспарентност и ќе обезбеди долгорочен модел на управување.
Поголеми проекти и посилен биланс
Еден од директните ефекти бил зголемувањето на видливоста на Инг-Град.
„Големи инвеститори кои претходно не ни знаеја дека постои Инг-Град и дека може да конкурира со големите играчи на пазарот, сега знаат за компанијата. Ги имаат финансиските извештаи, можат да го видат нашиот биланс и знаат дека можеме да конкурираме за големи проекти“, вели Аугустин.
Со посилен капитал, компанијата добила можност да размислува и за проекти од 50 до 100 милиони евра, кои пред ИПО-то биле многу потешко достижни:
„Сега имаме силен биланс и финансиска флексибилност. Имаме и потенцијал за аквизиции и за натамошен раст“.
60 милиони евра и 2.600 нови акционери
Самото ИПО било оценето како многу успешно. Според податоците презентирани на конференцијата, понудата била околу 2,5 пати презапишана, компанијата добила околу 2.600 нови инвеститори, а биле прибрани 60 милиони евра, по цена на горната граница од понудениот ценовен распон.
Околу 60 проценти од понудата ја презеле институционални инвеститори, а преостанатите околу 40 проценти малите и другите инвеститори. Дополнително, во приближно година и половина по излегувањето на берза, вкупниот принос за инвеститорите, според презентираните податоци, достигнал речиси 50 проценти.
Една од главните лекции што произлегле од тој процес е дека инвеститорите мора лесно да разберат што купуваат и зошто компанијата има потенцијал.
„Приказната мора да биде лесна за разбирање и мора да биде вистинита“, истакна Аугустин.
Дури и кога компанијата има комплексен бизнис-модел, пораката до инвеститорите мора да може јасно да се објасни во неколку реченици. Кај Инг-Град приказната била релативно јасна – долгорочно присутна градежна компанија, растечки бизнис, дивидендни очекувања и потреба од капитал за следната развојна фаза.
ИПО не се подготвува за неколку месеци
Излегувањето на берза мора да започне многу порано од самата јавна понуда, порача Аугустин:
„За успешно ИПО не можете без подготовка. Минимум се потребни околу две години, а во многу случаи три до пет години“.
Компанијата претходно треба да воспостави финансиско известување што е разбирливо и прифатливо за инвеститорите, квалитетна ревизија, професионално корпоративно управување и јасна структура на одлучување. Потребни се и квалитетни советници, инвестициски посредници и правни советници кои имаат искуство со вакви трансакции.
Без тргување по ИПО – нема вистински пазар
Од особено значење е секундарното тргување. Компанијата може формално да спроведе ИПО, но доколку акциите завршат кај мал број големи инвеститори и потоа речиси воопшто не се тргуваат, ефектот за пазарот е ограничен, нагласи Аугустин:
„Ако имате десет инвеститори, од кои четири се пензиски фондови, а по ИПО-то нема тргување, формално имате ИПО, но реално немате пазар“.
Оттука, успешното ИПО не се мери само според сумата што е прибрана на првиот ден. Важно е да постои ликвидност и по котацијата.
Како еден од најважните фактори за оживување на малите пазари беше издвоено учеството на граѓаните.
„Ако некој може лесно да купи акција на ‘Тесла’, зошто треба да му биде тешко да купи акција на домашна компанија?“, вели Аугустин.
Процесот мора да биде едноставен, а инвестирањето технички достапно. Комплицираните процедури, според искуството од регионот, директно го намалуваат интересот. И токму поголемото учество на малите инвеститори беше посочено како еден од факторите што придонеле за успешните ИПО во Хрватска.
Хрватскиот модел може да се приспособи и во Македонија
Во рамките на презентацијата беше направена и споредба со македонскиот пазар.
„Нашиот пазар е мал, вашиот е уште помал. Но, можности постојат“, рече Аугустин, додавајќи дека Хрватска веќе има модел што може да послужи како основа и за останатите пазари во регионот:
„Постои playbook од Загреб. Треба да се земе, да се приспособи на вашата регулатива и на вашиот пазар“.
Клучно е притоа да се создава постојан pipeline на компании што би можеле да излезат на берза, а не потенцијални издавачи да се бараат само кога пазарните услови ќе станат поволни.
Пари има – предизвикот е да се насочат кон акции
Во земјите од регионот постои значителен износ пари во банкарски депозити и во готовина. Предизвикот за финансиската индустрија е дел од тој капитал да го насочи кон продуктивни инвестиции и кон пазарот на капитал. Тоа бара долгогодишна работа на финансиската и инвестициската едукација.
„Инвестициската едукација е нешто на што треба да се работи со години и децении“, порача Аугустин, кој смета дека одговорноста не е само кај берзите. Во процесот мора да бидат вклучени финансиските посредници, компаниите, институциите и целата финансиска индустрија.
Компаниите не треба да гледаат на ИПО како на завршување на некој проект.
„Луѓето што се подготвуваат за ИПО и што ќе направат ИПО треба да разберат дека тоа е само почеток – почеток на следната фаза од развојот на компанијата“, нагласи Аугустин.
Р.П.
Аналитика








