
Домашниот електроенергетски систем е стабилен, а во моментов нема индикации дека ниските водостои во Европа претставуваат ризик за производството на електрична енергија во Македонија, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Според Министерството, состојбата со акумулациите е стабилна, а нивната вкупна исполнетост изнесува околу 70 отсто. Тоа овозможува сигурно управување со хидропотенцијалот и задоволување на актуелните потреби во рамките на планираното производство.
Министерството, АД ЕСМ, АД МЕПСО и другите надлежни институции редовно ги следат хидролошките параметри, расположливите резерви и прогнозите, за навремено да бидат преземени мерки доколку условите се променат.
Хидроелектраните, покрај производството на струја, продолжуваат да обезбедуваат и системски услуги неопходни за одржување на стабилноста на електроенергетската мрежа.
Домашното производство покрило 96,5% од потрошувачката
Според податоците на Државниот завод за статистика, во мај во Македонија биле произведени 462.653 мегават-часови електрична енергија. Со тоа биле покриени 96,5 отсто од домашната потрошувачка.
Податоците на АД ЕСМ, пак, покажуваат дека производството од хидроелектраните е зголемено за 76 отсто во однос на истиот период минатата година. Производството од ветерните електрани бележи раст од околу 10 отсто.
Од Министерството оценуваат дека диверзификацијата на производните капацитети, внимателното управување со акумулациите и подобреното планирање придонесуваат за поголема отпорност на енергетскиот систем во услови на климатски промени.
Нови ветерни и фотонапонски капацитети
Во тек е изградбата на втората фаза од ветерниот парк „Богданци“, со што неговиот вкупен инсталиран капацитет треба да достигне 50 мегавати.
Започнуваат и активностите за реализација на фотонапонските електрани „Битола 1“ и „Осломеј 2“, додека подготовките за проектите „Битола 2“ и „Битола 3“ се во напредна фаза.
Паралелно, се создаваат услови за поширока примена на батериски системи за складирање електрична енергија, кои треба да овозможат поефикасно искористување на обновливите извори и поголема стабилност на системот.
Интерконектори со Грција и Србија
Министерството посочува дека значајна улога во енергетската сигурност има и регионалната поврзаност.
Се реализира проектот за гасниот интерконектор со Грција, кој треба да овозможи пристап до нови извори на природен гас, а се подготвува и реализацијата на интерконекторот со Србија.
Македонија добила и покана за приклучување кон Вертикалниот гасен коридор, европска иницијатива за диверзификација на снабдувањето со природен гас и зајакнување на енергетската стабилност во Југоисточна, Централна и Источна Европа.
Со вклучувањето во коридорот, интерконекторите со Грција и Србија треба да станат дел од поширока европска транспортна мрежа, преку која гасот ќе може да се движи по повеќе правци.
Министерството најавува дека ќе продолжи да инвестира во домашното производство, обновливите извори, модернизацијата на инфраструктурата, складирањето енергија и регионалната поврзаност.
Истовремено, ќе продолжи следењето на состојбата во земјата и регионот, со цел да се обезбеди стабилно, сигурно и одржливо снабдување со електрична енергија за граѓаните и стопанството.
Аналитика








