
Сопственички промена во Винаријата Гоце Делчев Тиквеш – подарок од 28.100 обични акции е даден од Ристо Милев на Миле Милев. Со тоа, мнозинскиот сопственик го намалил, односно преполовил својот удел за 41,32 отсто. Трансакцијата беше реализирана минатата недела преку нетрговски трансфер.
„Согласно важечките прописи известуваме дека по основ на договор за подарок направен е пренос на сопственоста на акциите во Акционерското друштво ГД Тиквеш Кавадарци.
Доминантниот акционер, Ристо Милев, го намали своето учество во акционерскиот капитал на друштвото и моментално поседува 41,43 % или 28.173 обични акции. По договор, направен е пренос на 41,32 % или 28.100 обични акции (сите со право на глас) на лицето Миле Милев.
Оваа промена е значителна за сопственоста во учеството во вкупниот број на акции со право на глас“, известија од компанијата со објава на Македонска берза.
Според берзанските податоци, акционерското друштво има издадено 68 илјади акции, а просечната цена е илјада денари.
Земјоделското производство е основна дејност на кавадаречки ГД Тиквеш. Располага со големо обработливи површини, на кои се одгледуваат разни видови грозје. Во тие рамки има и капацитет за производство на 6,2 милиони литри вино. Своите производи ги пласира на домашниот пазар, а извезува во Србија и во Белорусија.
Аналитика








