Мермерен комбинат од Прилеп ја почувствува кризата на својот најважен пазар – Кина. Намалените нарачки од азискиот гигант, застојот во кинескиот градежен сектор и геополитичките тензии се одразија врз работењето на компанијата во првите шест месеци од годинава. Приходите од продажбата се намалени за повеќе од една третина, а добивката е речиси преполовена.
Во првото полугодие компанијата оствари нето-добивка од 2,98 милиони евра, за 41 отсто помалку во споредба со истиот лански период, кога заработката надмина 5 милиони евра. Оперативната добивка се намали на 3,3 милиони евра, а EBITDA достигна 4,3 милиони евра, што е пад од 36 отсто на годишно ниво.
Најголемиот удар доаѓа од продажбата. Вкупните приходи од продажба изнесуваат 8,1 милион евра, а тоа е за 37 отсто помалку отколку во првата половина од минатата година.
Безмалку целото производство на Мермерниот комбинат е наменето за извоз. Од вкупната продажба, 98 проценти се реализирани на странските пазари, каде што приходите паднале од 12,7 милиони на речиси 8 милиони евра.
Во образложението на финансискиот извештај директно се посочува причината:
„Намалувањето на обемот на продажба е директна последица на неповолните геополитички и глобални макроекономски случувања кои значително ги нарушија клучните пазари на кои настапува компанијата“.
Особено е нагласен падот на побарувачката од Кина:
„Најголемиот дел од намалувањето на приходите на странските пазари произлегува од значително намалените нарачки од страна на купувачите од Кина, поради застојот во градежниот сектор во Кина и намалената инвестициска активност“.
На сето тоа се надоврзува и конфликтот на Блискиот Исток:
„Воениот конфликт во Заливот дополнително го оптовари кинеското стопанство преку скокот на цените на енергенсите, што доведе до одложување на финансирањето на поголемите инфраструктурни и комерцијални проекти“.
Покрај извозот, голем пад бележи и фабричкиот сегмент. Приходи од преработени производи скоро и да нема. Падот е измерен со 99 отсто – од околу 444 илјади евра лани на само 4 илјади евра годинава. Од компанијата објаснуваат: „Падот на приходите од продажба на производите од фабриката е директно поврзан со недостатокот на големи, активни градежни проекти во регионот и на меѓународните пазари“.
И покрај значително помалите приходи, трошоците не се намалиле со исто темпо. Оперативните расходи се пониски за 3 отсто, додека трошоците за вработените се зголемени за 5 насто, а за енергија, суровини и материјали за 8 насто. Единствено кај надворешните услуги компанијата успеала да направи значителна заштеда, со намалување на трошоците од 30 отсто.
Раководството најавува дека фокусот во наредниот период останува насочен кон внимателно следење на кинескиот пазар, понатамошна оптимизација на трошоците и зачувување на високата ликвидност и ниската задолженост, со цел компанијата полесно да ги преброди глобалните економски неизвесности.
Аналитика








