
Додека светот стравува од нов енергетски шок поради конфликтот на Блискиот Исток, најголемите нафтени компании бележат милијардни профити. Британскиот енергетски гигант „Шел“ стана последната компанија што пријави огромен раст на заработката, поттикнат од драматичниот скок на цените на нафтата и гасот по почетокот на војната со Иран.
Компанијата соопшти дека во првите три месеци од годината остварила профит од 6,92 милијарди долари, значително повеќе од истиот период лани, кога заработката изнесувала 5,58 милијарди долари. Резултатот ги надмина и очекувањата на аналитичарите.
Клучен фактор за новата енергетска турбуленција е Ормутскиот теснец – еден од најважните светски енергетски коридори, низ кој минуваат околу 20 проценти од глобалните испораки на нафта и течен природен гас. Поради конфликтот меѓу САД, Израел и Иран, протокот низ теснецот е сериозно нарушен, што предизвика паника на пазарите и огромни ценовни осцилации.
Цената на суровата нафта Брент пред конфликтот се движеше околу 73 долари за барел, а потоа во еден момент скокна над 120 долари. Иако подоцна делумно се стабилизираше, нафтата и натаму се тргува по цена од околу 101 долар за барел.
Во ваква нестабилна атмосфера, голем профит прават токму трговците со енергенси. „Шел“ признава дека дел од растот доаѓа токму од успешното тргување со нафта, но и од повисоките маржи во рафинерискиот сектор, каде суровата нафта се претвора во бензин, дизел и авионско гориво.
Извршниот директор на компанијата, Ваел Саван, изјави дека резултатите се постигнати во „исклучително нестабилен период за глобалните енергетски пазари“, додавајќи дека компанијата тесно соработува со владите и клиентите за да ги задоволи енергетските потреби.
Сепак, кризата не поминува без последици ниту за самата компанија. „Шел“ објави дека производството на нафта и гас е намалено за четири проценти во споредба со крајот на минатата година, а производството на течен природен гас во Катар е прекинато уште од март поради конфликтот. Дополнително, оштетена е и нивната голема постројка „Перл GTL“ во Катар.
Паралелно со кризата, „Шел“ продолжува со агресивно ширење. Компанијата неодамна го најави купувањето на канадскиот производител на шкрилци „АРК Рисорсис“ за 16,4 милијарди долари, потег што според раководството треба да обезбеди долгорочна стабилност и профит.
Слични резултати објавија и другите енергетски компании. БП минатата недела соопшти дека добивката повеќе од двојно им се зголемила, додека норвешки „Еквинор“ пријави квартален профит од речиси 10 милијарди долари – највисок во последните три години.
Но, додека нафтените компании заработуваат, граѓаните и бизнисите ширум Европа се соочуваат со нов удар врз буџетите. Во Велика Британија веќе се проценува дека сметките за струја и гас би можеле повторно да пораснат во јули поради новиот раст на големопродажните цени на енергијата.
Тоа предизвика нов бран критики од еколошките организации. Активистите бараат дополнително зајакнување на данокот на неочекувани профити за енергетските компании, оценувајќи дека е неприфатливо нафтените гиганти да бележат рекордни добивки додека домаќинствата плаќаат сè поскапа енергија.
Во меѓувреме, ефектите од кризата веќе се чувствуваат и во глобалниот транспорт. Данскиот бродски гигант „Маерск“ предупреди дека енормниот раст на цените на енергијата му создава дополнителни трошоци од околу половина милијарда долари месечно, кои компанијата сега ги префрла врз клиентите.
Извршниот директор Винсент Клерк изјави дека компанијата нема избор освен да ги зголеми цените за да ги заштити своите маржи, предупредувајќи дека ваквите потреси би можеле да доведат до нов инфлаторен бран и намалена глобална побарувачка.
Аналитика








