ПОВЕЌЕ

    ЕУ СТАВА КРАЈ НА „БЕГАЊЕТО“ ОД КАЗНИ: Една забрана за возење ќе важи во цела Европа

    Време зa читање: 3 минути

    Возачка дозвола одземена во Париз, Берлин или Рим, повеќе нема да значи дека можете без проблем да седнете зад воланот во друга европска држава. Европската Унија подготвува една од најголемите реформи во сообраќајните правила во последните години, со која возачките дозволи, казните и контролите постепено ќе станат единствени низ целиот блок.

    Европскиот парламент и земјите членки постигнаа договор за новите правила што носат дигитални возачки дозволи, построги мерки за опасните возачи и нов систем на меѓусебно признавање на забраните за управување со возило. Целта е едноставна – помалку простор за злоупотреби и поголема безбедност на европските патишта, каде што секоја година животот го губат околу 20.000 луѓе.

    Најголемата промена се однесува на возачите кои прават сериозни прекршоци. Досега, ако некој останеше без дозвола во една земја од ЕУ, често можеше без проблем да продолжи да вози во друга. Со новите правила, забраната ќе важи низ целата Унија.

    Тоа значи дека возач фатен пијан зад волан, со екстремно пречекорена брзина или вмешан во тешка несреќа со смртни последици, нема повеќе да може да ја избегне казната едноставно со преминување граница. Земјата што ја издала возачката дозвола ќе биде должна да ја спроведе забраната на ниво на цела ЕУ.

    Сепак, европските институции засега се откажаа од идејата за единствен систем на казнени поени, па помалите прекршоци и понатаму ќе останат во надлежност на државата каде што се направени.

    Покрај построгите правила, ЕУ прави и голем чекор кон дигитализација. До 2030 година граѓаните ќе можат да имаат дигитална возачка дозвола на мобилен телефон, слично како што денес функционираат банкарските картички или дигиталните лични документи. Физичките дозволи нема веднаш да исчезнат, но новиот систем треба значително да ја олесни контролата и размената на податоци меѓу земјите.

    Реформата носи промени и за професионалните возачи, бидејќи транспортниот сектор низ Европа веќе подолго време се соочува со сериозен недостиг на кадар. Старосната граница за возачи на камиони ќе се намали од 21 на 18 години, а за автобуси од 24 на 21 година. Истовремено, ќе се воведе задолжителен пробен период од најмалку две години.

    Новитет е и тоа што 17-годишници ќе можат да возат со придружба во сите земји членки, со цел младите возачи да стекнат искуство во побезбедни услови пред самостојно да седнат зад воланот.

    Европската Унија воведува и дополнителни здравствени проверки. Пред полагање возачки испит ќе биде задолжителен лекарски преглед или самооценување на здравствената состојба, а дозволите во иднина ќе важат 15 години. По истекот на тој рок, државите ќе можат да побараат нови медицински проверки, но тоа нема да биде задолжително на ниво на ЕУ.

    Иако политичкиот договор веќе е постигнат, земјите членки ќе имаат рок од три години да ги усогласат своите закони со новите европски правила. Дел од мерките, особено оние поврзани со професионалните возачи, се очекува да почнат да важат од 2028 година, додека целосната дигитализација на возачките дозволи треба да биде завршена до 2030 година.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично