
Словачка е подготвена да ѝ помогне на Македонија во спроведувањето на реформите поврзани со евроинтегративниот процес, особено во делот на јавните финансии, борбата против даночното затајување и реализацијата на јавните инвестиции. Ова било истакнато на средбата меѓу министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и нејзиниот словачки колега Ладислав Каменицки, која се одржа во Братислава.
На состанокот било оценето дека двете земји имаат значителен потенцијал за продлабочување на економската соработка, а словачката страна ја повторила поддршката за македонскиот евроинтегративен процес и подготвеноста за пренесување на искуствата од спроведувањето на реформите потребни за членство во Европската Унија.
Според информациите од средбата, Словачка е заинтересирана за трансфер на know-how во области во кои има најголемо искуство, а кои се важни за исполнување на европските критериуми. Посебен акцент бил ставен на управувањето со јавните финансии, мерките против даночното затајување и подобрувањето на системот за јавни инвестиции.
Во разговорите била потенцирана и поддршката за имплементацијата на Националната развојна стратегија, која се смета за еден од клучните документи за идниот економски и развоен правец на државата.
Министерката Димитриеска-Кочоска нагласила дека Владата и Министерството за финансии остануваат фокусирани на зачувување на макроекономската стабилност, постепена фискална консолидација и обезбедување повисок економски раст преку реализација на јавни инвестиции.
Таа посочила дека токму овие реформи се дел од владините приоритети, но и од темите за кои се разговарало на состаноците во Брисел во изминатите денови.
Двајцата министри се согласиле дека економската соработка меѓу Македонија и Словачка треба дополнително да се унапреди преку поголемо бизнис-поврзување, размена на информации и реализација на заеднички проекти.
Димитриеска-Кочоска престојува во дводневна посета на Словачка на покана на министерот Каменицки, а во рамки на посетата се предвидени и средби меѓу делегациите на двете земји и државните секретари од министерствата за финансии.
Аналитика








