
Од 68 километри планиран гасовод кон Грција, досега се испорачани цевки за 64 километри, заварени се 43, а 18 километри веќе се поставени во ров. Истовремено, Македонија подготвува ново гасно поврзување со Србија, додека 277 километри домашна гасоводна мрежа минуваат низ технички проверки за да можат безбедно да се стават во употреба. Ова се главните инфраструктурни активности што ги посочува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во услови кога буџетските измени повторно го отворија прашањето за динамиката и иднината на гасификацијата во земјава.
Најнапреднат меѓу актуелните проекти е интерконекторот со Грција, чија изградба треба да заврши во средината на 2027 година. Според проектните податоци доставени на 19 октомври, покрај изведените градежни активности, постапката за експропријација е реализирана 97 проценти.
Договорот за изградба на овој гасовод е потпишан на 7 мај 2025 година, а финансирањето вклучува инвестициски грант и заеми од Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој.
Со новото поврзување, Македонија треба да добие дополнителен правец за снабдување со природен гас, што би овозможило поголема разновидност на изворите и помала зависност од постојните транспортни рути. За индустријата и другите потрошувачи на гас, тоа би можело да значи поголема сигурност во снабдувањето и подобри можности за пристап до регионалниот пазар.
Паралелно се подготвува и интерконекторот со Србија, со предвидена должина од 23 километри на македонска територија. По договорот од 27 август годинава, започнати се активностите за дефинирање на трасата и изработка на проектната документација. Според Министерството, финансирањето на македонскиот дел е предвидено од сопствени средства на НОМАГАС.
Но, покрај изградбата на нови гасоводи, важен предизвик останува и ставањето во функција на веќе изградената домашна инфраструктура.
На делниците Клечовце – Неготино и Неготино – Битола се спроведуваат активности за сервисирање, проверка на интегритетот и сушење на цевководите. Потоа истите постапки треба да продолжат и на делницата Скопје – Тетово – Гостивар. Трите делници се со вкупна должина од 277 километри.
Овие технички проверки се неопходни за безбедно пуштање на гасоводите во употреба. Тоа значи дека, иако инфраструктурата е изградена, потребни се дополнителни активности пред таа да стане оперативен дел од системот за снабдување.
Во меѓувреме, гасификацијата стана и предмет на политички несогласувања, особено по измените во буџетската потпрограма „Гасификација“. Од Министерството ги отфрлаат тврдењата на СДСМ и Левица дека буџетското усогласување значи откажување од изградбата на гасоводната инфраструктура.
Според образложението на институцијата, средствата опфатени со претходните измени биле предвидени за набавка и складирање природен гас за стратешки резерви, а не директно за изградба на гасоводи.
Како причина за отежнатата реализација на оваа набавка се наведува ограничената достапност на прекуграничните транспортни капацитети кон Бугарија. Од Министерството појаснуваат дека за формирање резерви не е доволно само да се купи природен гас и да се обезбеди складишен простор, туку е неопходно и да постои сигурна можност тој да се транспортира до Македонија.
Оттука, според Министерството, буџетските измени треба да се разгледуваат одделно од инфраструктурните проекти, кои имаат сопствени договори, извори на финансирање и динамика на реализација.
Сепак, за целосна оценка на напредокот на гасификацијата, покрај изградените километри, важни ќе бидат и роковите за пуштање во употреба, обезбедените количини природен гас и можноста новата инфраструктура навистина да ја користат домаќинствата и компаниите.
Бидејќи за Македонија не е доволно само да изгради нови гасоводи и да воспостави врски со соседите. Вистинскиот економски ефект ќе дојде кога тие ќе овозможат сигурно снабдување, поголем избор на извори и реална можност индустријата и граѓаните да го користат природниот гас.
Аналитика








