ПОВЕЌЕ

    „Бехтел“ и „Енка“ добиваат 243 милиони евра, активностите почнуваат на 22 април, сомнежите за надзорот – остануваат

    Време зa читање: 4 минути

    Владата одобри 15 милијарди денари или 243 милиони евра на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, за потребите на проектот за коридорите 8 и 10д. Парите се предвидени во годинешниот буџетот на Министерството за транспорт и врски. Програмата за финансирање патна инфраструктура за проектот Коридор 8 и Коридор 10д за 2023 година е донесена е на вчерашната владина седница, а денес е објавена во Службен весник на РСМ.

    Почетните активности се најавени за 22 април годинава, на делниците Тетово-Гостивар и Прилеп-Битола. Всушност, ќе се градат четири автопатски делници во должина од 108,8 километри. Вредноста на проектот е 1,3 милијарди евра, но тука не се пресметани средства за експропријација и проектирање.

    Со Програмата е утврдена намената на средствата за финансирање на патната инфраструктура.  Според наведеното, износот од 7,254 милијарди денари (117 милиони евра) се исплаќа во две транши и е наменет за мобилизација, екипирање со механизација, воспоставување кампови, лабораторија и други работи од страна на изведувачот на работите пред да се започне со градежни активности на трасите: делница 1 (Тетово – Гостивар), делница 2 (Гостивар – Букојчани), делница 3 (Требениште – Струга – Ќафасан) и делница 4 (Прилеп – Битола). Првата исплата ќе биде од 5,390 милијарди денари (87 милиони евра), а втората во износ од 1,864 милијарди денари (30 милиони евра).

    За авансно плаќање се пресметани 3,100 милијарди денари (50 милиони евра). Парите се за мобилизација, набавка на опрема, бази и материјали за изведувачот и за поддршка на пристап до средства.

    Воедно, предвидени се и 1,580 милијарди денари (25,5 милиони евра) за капитални индиректни трошоци кои ќе одат кај странски изведувач. Како што е наведено, за поддршка на градежни активности, но и за асистенција од специјалисти за технички, комерцијален и управувачки капацитет за надгледување на проектот и на активностите од персонал од главната канцеларија на изведувачот.

    Износот, пак, од 3,066 милијарди денари, односно 49,5 милиони евра е предвиден за изработка на проектна документација за изградба на автопатиштата, што опфаќа дислокации на подземни и надземни инсталации, подготвителни градежни активности на траснејзина изградба, геомеханички истраги, обезбедување на канцеларии… за патните правци Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требениште – Струга – Ќафасан и Прилеп – Битола.

    Исплатата, согласно содржината на Програмата, ќе се врши по претходно извршен надзор и доставено барање со наведен износ, проследено со комплетна исплатна документација, која ЈП за државни патишта ќе ја достави до ресорното Министерство за транспорт и врски.

    Оваа Програма е законски покриена. Донесена е врз основа на член 5 став 2 од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на Проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница Тетово-Гостивар-Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга-Ќафасан) и Коридорот 10д (делница на автопатот Прилеп-Битола) и член 30 став 8 од Законот за извршување на Буџетот 2023.

    Делницата Тетово – Гостивар во должина од 17,5 километри, како што покажуваат првичните пресметки, чини 125 милиони евра, Гостивар – Букојчани со 30,3 километри – 560 милиони евра, Требеништа – Струга – Ќафасан со 21,7 километри – 360 милиони евра, а 260 милиони евра за делницата Прилеп – Битола од 39,4 километри. Или, просекот по километар би требало да е 12 милиони евра.

    Јавноста се разбранува откако за правен трансакциски советник и надзор за проектот беше избран конзорциумот ИРД. Конкретно, по објавите за големи неправилности и коруптивни шеми кои се врзуваат за одделни компании од составот на ИРД. По изнесените обвинувања се активира и Државната комисија за спречување корупција, каде што е отворен предмет.

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично