
Мобилното и електронското банкарство на АЛТА банка АД Битола повторно се во функција, но со ограничени можности за корисниците. Засега, клиентите можат да ја проверуваат и следат состојбата на своите сметки, додека останатите банкарски функционалности сè уште не се достапни.
Од Банката информираат дека интензивно работат на постепено воспоставување на сите услуги, со цел целосно враќање на функционалноста на дигиталните банкарски канали.
„Во оваа фаза, преку мобилното и електронското банкарство е овозможен увид и следење на состојбата на вашите сметки, додека останатите функционалности сè уште не се достапни“, се наведува во соопштението на АЛТА банка.
Од Банката засега не прецизираат кога ќе бидат овозможени сите функционалности, но најавуваат дека клиентите навремено ќе бидат информирани за секое понатамошно подобрување.
Повторното активирање на мобилното и електронското банкарство доаѓа во период кога АЛТА банка АД Битола работи под администрација воведена со решение на Народната банка, по случувањата поврзани со АЛТА банка во Србија.
Аналитика








