ПОВЕЌЕ

    Светските валути во опасност?

    Време зa читање: 4 минути

    Дали коронавирусот ќе ги зарази и светските валути? Свое видување за актуелните  случувања  на аналитичарот Огнен Огненоски.

    Пандемијата е во полн ек. Голем број држави прогласуваат вонредни состојби, затворени се компании, школи, градинки. Светот е ставен на чекање (hold). Сите механизми се во акција за сузбивање на вирусот. Сакале или не, во борба за живот оставаме тешки економски рани кои можат да не однесат во економска депресија, прашање е што таа депресија ќе донесе и дали загубите во човечки животи ќе бидат поголеми од таа состојба.

    За само неколку недели од вирусот кој сеуште го нема достигнато “пикот“, проценката која ја направи реномираниот “Bloomberg“  е дека загубата во САД изнесува приближно 3 (три) трилиони долари. За да ни стане јасно колку се три трилиони долари, само годишниот буџет кој го одвојува САД за одбрана е околу 700 милијарди долари, што значи досегашните економски загуби на САД за само неколку недели се колку 4 нивни годишни буџети за одбрана. Ако го споредиме со наши стандарди, годишниот буџет на Македонија е околу 4 милијарди евра што значи загубите до сега на САД се приближно колку 700 наши годишни буџет! Но оваа снежна топка за жал ќе продолжи да се тркала и во следните неколку месеци. Најтешкото прашање е како да се справиме? Што да направиме за да не потоне светот во децениска депресија?

    Јас гледам едно можно “катастрофално“ сценарио кое ќе не однесе во долгорочна хиперинфлација, но краткорочно ќе “преживееме“ без да имаме преголеми економски последици.  Светот ќе се најде на ивица на пропаст за многу кратко време и единствениот спас ќе бидат копир машините кои ќе започнат со принтање на хартија за спас.

    И накратко можам да дадам мое предвидување за тоа како ќе се одвиваат следние неколку години по совладувањето на Вирусот. Ќе се испринтаат трилиони и трилиони евра и долари, Централните банки во Европа, Сад, Азија, ќе ги распределат по компаниите пополнувајќи ги сите дупки. Краткорочно ќе завладее големо задоволство, сите ќе бидат среќни и работодавачите кои ќе ги спасат своите бизниси од една страна, но и работниците кои ќе ги задржат своите работни места.

    За жал снежната топка сега станува поопасна и со тешки долгорочни последици по економијата. Опасноста е инфлацијата која следи. Инфлацијата за многу кратко време ќе прерасне во хиперинфлација и обезвреднување на парите.

    Оваа теорија тврди дека хиперинфлација се јавува кога постои континуирано, брзо зголемување на понудата на пари при што ваквото зголемување на паричната маса не е проследено со соодветен раст на производството на стоки и услуги. Зголемувањето на цените како последица на зголемената понуда на пари создава еден магичен круг, кој се изразува преку потребата од постојано печатење на нови количества пари за да се финансираат активностите на владите.

    Оттука и монетарната инфлација и инфлација на цени се зголемуваат со брзо темпо. Брзото зголемување на цените предизвикува широко распространета појава кадешто населението одбива да држи пари во домашна валута, која ја губи својата куповна моќ. Наместо тоа, тие брзо ги трошат парите што ги добиваат, со што се зголемува брзината на проток на пари, тоа последователно предизвикува натамошно зголемување на цените. Ова резултира во дисбаланс меѓу понудата и побарувачката за пари (вклучувајќи ја валутата и банкарските депозити), предизвикувајќи брза инфлација.

    Многу високите стапки на инфлација може да резултираат со губење на доверба во валутата. Обично, прекумерниот пораст на парична маса е резултат на тоа што владата или е во неможност или не постои желба државниот буџет да се финансира преку оданочување или задолжување, па наместо тоа владата прибегнува кон тоа буџетскиот дефицит да го финансира преку печатење на пари.

    Дали ќе бидеме сведоци на хиперинфлација и најголемата светска депресија откако се водат било какви статистики за неа, ќе видиме, но како и да е, ќе мораме да почекаме да видиме како ќе се справат светските лидери за да го спасат бродот кој тоне. Немаат многу време и избор, но секогаш се добри позитивни изненадувања.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично