Македонската банкарска асоцијација во соработка со Народната банка и Комисијата за хартии од вредност денес објави ЈАВЕН ПОВИК до основните и средните училишта во земјава за учество на Европскиот квиз на пари.
Ги повикуваме основните и средните училишта во Република Северна Македонија за учество во меѓународниот натпревар Европски квиз на парите. Овој квиз е проект на Европската банкарска федерација, фокусиран на финансиската едукација на учениците од 13 до 15 години.
Европскиот квиз на парите се одвива во две фази – првата фаза се националните натпревари во секоја земја поединечно, а втората фаза е европското финале. Националниот натпревар во Република Северна Македонија ќе се одржи на 23 март 2020 година.
Најдобрите двајца ученици ќе ја претставуваат нашата земја на финалето коешто ќе се одржи на 29 април 2020 година во Брисел, Белгија.
Европската банкарска федерација, на училиштата на побединиците на европското финале ќе им додели парична награда, и тоа: во износ од 3.000 евра за прво место, 2.000 евра за второ место и 1.000 евра за трето место.
Натпреварите ќе се реализираат преку посебна електронска апликација за оваа намена Кахут (Kahoot!), којашто е едукативна платформа на база на игра. Финалниот натпревар во Белгија ќе се одвива на мајчин јазик на учесниците.
Се повикуваат сите заинтересирани основни и средни училишта да пријават одделенија/класови за учество на националниот натпревар во Република Северна Македонија, најдоцна до 31 јануари 2020 година на следнава електронска адреса на Македонската банкарска асоцијација: [email protected]
Притоа, треба да се има предвид следново:
– Секое основно или средно училиште може да пријави повеќе одделенија/класови;
– Учениците треба да бидат на возраст од 13 до 15 години на денот на пријавувањето;
– Заедно со податоците за одделенијата/класовите треба да се достават податоци за наставниците/професорите под чие менторство ќе се одвива подготовката.
Едукативните материјали потребни на учесниците од Република Северна Македонија за подготовка за националниот натпревар и европското финале и повеќе информации за Европскиот квиз на парите се достапни на следниве веб-страници: www.mba.mk и www.efb.eu.
Поддржано од:
– Министерство за образование и наука и Министерството за финансии.