ПОВЕЌЕ

    ПАРИ ОТКРИВА: Кои се ЗСФ КОМ и АК ИНВЕСТ, најмоќните фирми во градежниот бизнис?

    Време зa читање: 4 минути

    ЗСФ КОМ и АК ИНВЕСТ се апсолутни лидери во градежниот бизнис во земјава. Првата остварила најголема добивка, втората најголем приход во градежниот сектор минатата година.

    Според Пари и информациите од платформата БизнисМрежа.мк најголема добивка во градежниот сектор лани имала ЗСФ КОМ ДООЕЛ од Скопје. Компанијата остварила приход од 11,8 милиони евра, а имала добивка од 3,76 милиони евра. Податоците покажуваат и дека компанијта имала раст на приходите од 57,5 проценти во 2020 година во однос на 2019 година, а растот на добивката, пак, бил 45,7 проценти.

    Но, најголемата компанија по добивка, не била и најголема по приход. Најголем приход остварила компанијата за градба на инфраструктура Ак Инвест. Таа минатата година остварила приход од 33,4 милиони евра и добивка од околу 908 илјади евра.

    Етеми од професор по биологија до моќен бизнисмен

    Во чија сопственост се двете најуспешни градежни компании во земјава? Порталот Пари ви открива ЗСФ КОМ ДООЕЛ скопска фирма е во сопственост на познатиот бизнисмен, Фатмир Етеми. Неговото име последните години е особено актуелно во јавноста.

    Етеми е поранешен пратеник од 1998 до 2002 година. Според податоците од страната на македонското собрание тој бил член на Партијата за демократски просперитет на Албанците во Македонија – Народна демократска партија (ПДПА-НДП).

    Активен во Партијата од 1990 година. Носител на многу партиски функции. Член на Претседателството на ПДПА-НДП. Претседател на партискиот огранок на општина Чаир, Скопје. Член на Централното собрание на ПДПА-НДП. Член на пратеничката група на Собранието на РМ за соработка со Парламентот на Република Бугарија.

    Роден 1965 година во Скопје. Завршил Природно – математички факултет, биологија. Работел како професор по биологија. Бил советник во општина Чаир, Скопје.

    Јавноста најмногу слушна за него кога се јави како сопственик на зградата кај Мајчин дом чија изградба ја следеа низа протести.

    Изминатиов период е особено активен во ширење на своето бизнис царство. Лидер во градежништвото, а во неговиот фокус сега се Скопски Пазар и особено Комерцијална банка.

    Етеми преку својата фирма ЗСФ-КОМ на први април годинава со Современ дом АД Прилеп како субјекти што дејствуваат заеднички се стекнаа со вкупно 77,44% од вкупниот број на обични акции издадени од Скопски пазар АД Скопје. Поединечно поседуваат по 38,72% од акциите.

    Расте моќта на бизнисменот Фатмир Етеми и во Комерцијална банка. На 30 јуни се стекна со нови 35.637 обични акции во Комерцијална банка. Со последните акции учеството на Етеми во Комерцијална се зголеми на 3,2 проценти во основната главнина на банката.

    Во сопственост на ЗСФ-КОМ е и ресторанот Опатија во Скопје.

    Дел од завршените проекти на ЗСФ-КОМ се зградата во Центар кај Железничката станица две згради во Аеродром, една во Карпош, позади Сити Мол зградата Скопје Сити Гарден, елитен комплекс палата Водно, фирмата го реновирале објектот Македонска куќа на Кале. Во тек е реализацијата на комплексот Бутел.

    Тетовската фирма АК ИНВЕСТ e и во бизнисот со мали ХЕЦ

    Тетовскиот бизнисмен Азби Ибрахими пак е сопственик на градежната компанија „АК Инвест“ која исто така учествува на тендери и е сопственик на мали хидроцентрали.

    Во нејзина сопственост се двете друштва за производство на хидроелектрична енергија АНИ Енергетика ДОО Тетово и АК Хидро 2016 ДООЕЛ Тетово. АК Инвест е сопственик и на Друштвото за производство на електрична енергија Гравис Хидро ДОО увоз извоз Гостивар.

    Ова градежна компанија е поврзана и со Друштво за производство и трговија ГРАВИС ГРОУП увоз-извоз ДОО Гостивар, како и со Друштвото за градежништво, проектирање, производство, трговија и услуги ЦЕАЦОН ДООЕЛ експорт-импорт Тетово.

    Потребните лиценци од Регулаторната комисија за енергетика ги доби во 2019 година и оваа компанија почнува да се етаблира на пазарот.

    Во медиумите може да се најдат записи и за компанијата за трговија и снабдување со електрична енергија У-Повер, чиј косопственик е синот на поранешниот министер и вицепремиер од ДУИ Муса Џафери. Како АК Инвест е поврзана со оваа компанија?

    Оваа компанија е основана во 2016 година од страна на синот на Џафери – Аријанит Џафери, кој е партнер заедно со Фитим Ибрахими, син на Азби Ибрахими, сопственик на тетовската градежна компанија  АК-Инвест.

    АК-Инвест има реализирано 3000 проекти. Изградба на најмалку 10-ина хидроцентрали, зградата Ист гејт Ливинг зграда Б1, спроведување на електрични инсталации, ХЕЦ Попова Шапка, парк во Капиштец, фирмата го има изградено и комплексот Македонско село, изградба на неколку фабрики, изградба на станбени згради Тетово, реновирање на поликлиника Букурешт, зграда Алумина итн.

    Редакција Пари

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично