ПОВЕЌЕ

    Зголемена кредитна поддршка и повисока добивка – Успешeн прв квартал за НЛБ банка

    Време зa читање: 3 минути

    Со добивка од 11,7 милиони евра го затвори НЛБ банка првото годинешно тримесечје. Период во кој банката го продолжи сопствениот континуиран раст, ја зголеми поддршката на населението и на бизнисот, а како што велат, значаен е и нивниот придонес за заедницата.

    Добивката е за 6,1 насто повисока од остварената во истиот период претходната година. Трендот на раст е присутен и кај одобрените кредити – за 2,1 насто. Притоа, достигнат е износ од 1,4 милијарди евра, средства што ги користат граѓаните и компаниите. Наспроти тоа, во овие три месеци за 5,8 отсто се пониски вкупните депозити споредено со состојбата од крајот на 2024 година. Сепак, истакнуваат од НЛБ банка, има раст од 7,7 проценти кај депозитите по видување на домаќинствата. Инаку, според податоците, Банката располага со депозити од 1,6 милијарди евра.

    Каматите на НЛБ банка во првиот квартал и обезбедиле приливи од 22,2 милиони евра. А, со исплатените средства врз каматна основа, нето-приходите се во износ од 19,38 милиони евра.

    Всушност, во однос на резултатите евидентирани на 31 март лани, годинава кај сите ставки се забележуваат подобри постигнувања. Тука спаѓаат и нето-приходите инкасирани по наплатените провизии и надомести (над 6 милиони евра), од курсните разлики (1,3 милиони евра) и од останатите приходи од дејноста (908,4 илјади евра).

    Работењето ги зголемило трошоците на Банката. Пред сѐ тие за вработените кои за трите месеци се во износ од 5,4 милиони евра, како и останатите расходи од дејноста (4,7 милиони евра).

    „Овие резултати на Банката се должат на успешно спроведената деловна стратегија, засилените продажни активности во сите сегменти од работењето, вклучително и ефикасното управување со ризиците, оперативната ефективност и постојаната ориентација кон подобрување на корисничкото искуство и одржливиот раст“, образложуваат од НЛБ банка.

    Исто така, истакнуваат дека по трагедијата што се случи во Кочани, Банката донирала средства преку сметката на солидарноста на Црвениот крст за прва помош на повредените и семејствата на настраданите. Освен тоа, како оснoвач и донатор во Фондацијата „Заедно за едно” на Македонската банкарска асоцијација, заедно со банките – членки на НЛБ Групацијата, ќе реализира донација од 350 илјади евра за рехабилитација и медицински третмани на повредените, како и поддршка во образовниот процес и професионалната реинтеграција на лицата и семејствата кои се соочија со загуба.

    „НЛБ Банка и натаму ќе продолжи да биде поддршка на населението и бизнис секторот во земјата, давајќи притоа значаен придонес во макроекономскиот и финансискиот амбиент на државата. Во фокусот на работењето на Банката како и доега се унапредување на дигиталните канали во насока на зголемување на дигиталната пенетрација на клиентите, иновациите и примената на  вештачката интелегенција, унапредување на клиентското искуство, проширување на портфолиото на производи и услуги со посебен акцент на ‘зелените’ продукти, како и на општествено одговорни проекти за грижа за своите вработени и заедницата во целост“, велат од НЛБ банка.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично