Во годината да има 13 неработни денови, а кога празникот е во недела, понеделник да биде работен ден. При вработување, припадниците на заедниците да изберат кои два празника дополнително би ги одбележале, покрај 11-те одредени за сите граѓани. Со ова, нема да се нарушуваат работните процеси, нема да трпи продуктивнноста, а работодавачите нема да се соочуваат со организациски и финансиски трошоци. Ниту ќе се прекршуваат уставните одредби, а ќе се спречи и одливот на пари во странство, што се трошат при празничните патувања.
Деловната заедница обединета во Стопанската комора на Македонија излезе со предлог-измени на Законот за празници, кои ќе бидат доставени до Министерството за економија и труд. Репер им се странските практики. Велат, анализирале 36 европски економи и кај близу 70 отсто од нив бројот на државни празници и неработни денови е меѓу 11 и 14.
„Нашиот предлог нема да е бришење или укинување конкретни празници, туку ревидирање на правата што произлегуваат од вака дефинирани празници за сметка на барањето за укинување прослава на некои од празниците“, рече проектниот менаџер во Стопанската комора, Анета Димовска.
Сегашната поставеност, додава таа, може да се третира како систем што не е во согласност со Уставот, бидејќи ги става во нерамноправна позиција припадниците на разни групи.
„Ако одиме по оваа логика, припадниците на српската или влашката заедница, доколку се православни, имаат најголем број неработни денови – 11 за сите, пет кои се однесуваат на припадници на православната вероисповед и дополнителни денови, кои се однесуваат на конкретната етничка заедница, за сметка, да речеме, на припадник на исламската вероисповед, кој има помалку денови што му се предвидени за прослава во однос на ваквите религиски празници. Така, на пример, постои небулоза, празникот Свети Сава, кој кај нас е предвиден како неработен ден за припадниците на српската етничка заедница, во соседна Србија не е неработен ден“, вели Димовска.
Оттаму и идејата – лицата од заедниците, при засновање работен однос, да избираат кои празници ќе ги користат од групата празници што не се однесуваат на сите граѓани.
„Предлогот ќе е: од сите овие празници кои не се однесуваат на сите, со договор за вработување лицето да определи кои од посочените празници ќе ги празнува и така би се определиле два дополнителни дена, со што вкупниот број неработни денови би се свел индиректно на 13 неработни дена“, нагласува Димовска.
Според неа, предлог решението – празниците што се паѓаат во недела да не се префрлаат како неработен ден во понеделник, доаѓа по долгогодишните забелешки на работодавачите, кои сметаат дека сегашниот систем создава организациски и финансиски тешкотии:
„Отсуството на вработените од работа за празници негативно влијае на продуктивноста, предизвикува тешкотии од финансиски и организациски карактер“.
Што се однесува до споредбата со анализираните европски економии, Димовска вели дека и Македонија е во тие рамки доколку се земат предвид само 11-те неработни денови за сите граѓани. Но, без неработните денови за припадниците на православната вероисповед:
„Доколку на овој број 11 се додадат петте неработни дена доминантни за најголемиот дел од населението кое е православно, тогаш доаѓаме до бројот 16 и избиваме, условно речено, на врвот помеѓу државите во Европа по бројот на неработни денови“.
Воедно, истакна, во повеќе од половина од анализираните европски држави празниците не се префрлаат во нареден работен ден доколку се паднат за викенд.
Освен тоа, Димовска се осврна и на начинот на празнувањето, со што наместо дома, парите завршуваат надвор од земјава:
„Повеќето од празниците ги минуваме во странство и потрошувачката и приходите се насочуваат кон економии на други држави“.
За предложените промени, краток коментар даде претседателот на Сојузот на синдикатите, Слободан Трендафилов:
„Стопанска комора зборувале да кратат празници, а да платат не им се слуша!“.
(Илустрација генерирана со вештачка интелигенција)
Аналитика








