ПОВЕЌЕ

    Зголемен БДП, буџетскиот дефицит ја проби годишната проекција – Макроекономски монитор за вториот квартал

    Време зa читање: 3 минути

    Раст на БДП, продлабочен буџетски дефицит, мал пад кај инвестициите, пониска невработеност… се основните движења во првата половина од годинава, забележани во последниот Макроекономски монитор за вториот квартал изработен од „Finance Think“ – Институтот за економски истражувања и политики.

    Годишното зголемување на БДП е за 2,3 насто, а растот е забрзан во однос на претходните квартали. Експертите од Институтот посочуваат дека тоа е во рамките на очекувањата од претходниот монитор, при што се појаснува:

    „Сепак, забрзувањето е резултат на забавениот пад на извозот (-2,9%), и повторното интензивирање на падот на увозот (-4,5%), како и на растот на јавната потрошувачка (3,5%)“.

    Нагорното движење кај јавната потрошувачка, пишува, се поврзува со значителното продлабочување на буџетскиот дефицит од 5,8 проценти за првото полугодие од годината. Со тоа е надмината првичната годишна проекција, позиционирана на 3,6 проценти.

    Според податоците опфатени во Макроекономскиот монитор, во второто годинешно тримесечје бруто инвестициите забележуваат благ пад изразен со минус од 1,7 отсто, а приватната потрошувачка расте со малку забавена динамика од 1,3 насто.

    Растот на услугите, кој во овој период изнесува 3,6 проценти го има најголемиот удел во зголемувањето на БДП. Сепак, се укажува, по падовите во претходните квартали, во овој има позитивни движења во сферата на градежништвото од 5,1 и во преработувачката индустрија за 0,7 проценти.

     

    Невработеноста се намалува и во вториот квартал – на 12,5 проценти.

    „За првпат по повеќе квартали, пазарот на труд манифестира помала воздржаност од претходно, имајќи предвид дека се креирани близу 4.500 нови работни места, а активноста на населението се задржа како претходно (52,1%). Сепак, забележливо е дека најголем дел од работните места се создадени во земјоделството и индустријата, додека главните услужни дејности, како трговијата, забележаа намалување на бројот на работни места, и покрај растот на создадената вредност“, нотирано е во мониторот.

    За инфлацијата е наведено дека во вториот квартал има благо забрзување на 3,9 од претходните 3,4 проценти на годишна основа. „Иако овие движења кај цените се во линија со очекувањата за целата 2024 година, преостанатите пренесени ефекти врз цените, потенцијалните варијации кај одредни групи производи, притисокот што доаѓа од стабилниот пазар на труд и растот на платите (13,3%), како и од потезите на фискалната политика, укажуваат на потребата од понатамошна претпазливост“.

    Воедно, експертите велат дека се очекува годинава да продолжи благата позитивна динамика на економијата, при што изгледите за инфлацијата остануваат релативно поволни, но сѐ уште зависат од присутните критични фактори. „Finance Think ги задржува претходните проекции за раст на БДП во 2024 од 2,7% и за раст на цените од 3,8%“, наведено е во Макроекономскиот монитор.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично