ПОВЕЌЕ

    ЗЕМЈА НЕДОЈДИЈА: Два дена не можат да си заминат од мавровското село Никифорово поради неисчистен пат, па мрзнат оти нема струја

    Време зa читање: 3 минути

    Втор ден трае голготата на луѓето кои останаа завејани во мавровското село Никифорово, по обилните врнежи кои го зафатија западниот дел на државата изминатиов викенд. Откако останаа без струја и без расчистен пат до доцна попладне во понеделник, како што дознаваме, и откако надлежните од Центарот за управување со кризи и Македонија пат објавија дека се испратени екипи со механизација да го исчистат патот до селото, неколку граѓани се одлучиле да се обидат со свои возила да се пробијат до блиското село Леуново и понатаму во насока на регионалниот пат кон Скопје, но останале заглавени во високите снежни навеви на патот да ја дочекаат ноќта.

    „Маж ми заглави на патот Ниќифорово-Леуново во местото Црн Камен веќе 2,5 часа и не гледаат излез. Од Македонија пат ми рекоа тек утре после 8 часот да се јавам. Пријавив и во ЦУК“, ни рече Наташа Богдановска од Скопје, чијшто сопруг е еден од луѓето заглавени во своето возило без можност да продолжи ниту напред кон Скопје, ниту назад.

    Богдановска вели дека нема информација колку други возила ја делат истата судбина на нејзиниот сопруг кого надлежните го оставија да ја пречека ноќта заглавен во снегот, но вели кога се слушнале со сопругот, тој ѝ кажал дека има и други заглавени автомобили и дека ќе се обидат да се вратат назад во Никифорово за да се засолнат. Селото инаку се уште е без струја.

    Исчистен-неисчистен пат:оваа дилема траеше цел ден додека конвој од повеќе десетици возила се обидуваа од селото Леуново да се пробијат кон Скопје. Овие граѓани, претходната ноќ одлучиле да ја поминат во селото и покрај тоа што надлежните објавија дека патот од Леуново е исчистен и прооден за сите возила, бидејќи на патот имало премногу снег, а ниските температури предизвикале голомразица.

    Но, кога утринава се решиле да тргнат на пат кон Скопје, ги пречекало непријатно изненадување – патот бил непрооден и за џипови и за автомобили. „Патот од Бунец кон Радика не е исчистен и е непрооден за повеќето возила. Голем број возила, меѓу кои има семејства со мали деца, трудници, се заглавени на патот и чекаат помош. Има делови каде што заглавуваат заради неисчистен снег или не можат да се разминат со друг автомобил, поради што прави дополнителен застој. Од Македонија пат ни рекоа дека ќе дојде помош, но не знаат кога, а од ЦУК дека исконтактирале со надлежните“, ни изјави една од патничките во заглавените возила.

    По повиците за помош на граѓани кои биле заглавени во автомобили во мавровскиот регион, кај Бунец, било испратено специјално возило со плуг, информираа од Центарот за управување со кризи, по што конвојот успеал да се извлече и да се упати кон Скопје.

    Сепак, таква среќа немаа луѓето кои ноќва мораа да останат во соседното Никофорово, без можност да заминат со своите возила, но и без струја, која повеќе од два дена ја нема во ова село.

    За неисчистени локални патишта во општината Маврово Ростуше сведочат и други објави на социјалните мрежи, каде граѓаните упатуваат сериозни критики до локалната самоуправа дека воопшто не учествува во расчистување на снегот, кој очигледно ги изненади во декември. Според неофицијални информации кои ги добивме од повеќе жители на мавровскиот крај, причина за ваквата состојба било тоа што тендерот за изведувач на работите на чистење на снегот штотуку бил распишан на крајот на ноември, кога веќе е вообичаено да има снежни врнежи, а не навремено, во септември.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично