Кратовски „Силекс“ ја завршил минатата година со позитивен финансиски резултат, кој е за 42,69 проценти понизок од претходниот. Полоши се сите остварувања во однос на забележаните во 2023 година. Со исклучок на финансиските приходи, кои во билансот на успех ја претставуваат светлата точка со раст од 112,26 насто.
Основната дејност на „Силекс“ е рударство и вадење камен, а како што пишува во образложението за ланските постигнувања, приходите се остварени од продажбата на сунѓер, душеци, по основ на закупнини и транспорт на стоки. Оперативните приходи се во износ од 1.035.542 илјади денари или 16,8 милиони евра, со годишно намалување од 11,96 отсто. Во тие рамки, приливите од продажбата на домашниот пазар бележат минус од 8,83% и изнесуваат 391.768 илјади денари (6,37 милиони евра). Подобра е состојбата кај извозот, односно во овој сегмент има пад од 4,83% или од 10,56 милиони евра во 2023 на ланските 10,07 милиони евра.
Најголемиот пад од 245,56 проценти е заведен во ставката останати оперативни приходи. Во текот на 2023 виле остварени 1,35 милиони евра, а една година подоцна само 392,6 илјади евра.
Во контекст на осипувањето се и податоците за залихите на готови производи и на недовршеното производство, кои на почетокот од минатата година биле во вредност од 325,8 илјади евра, а на крајот – над 579 илјади евра.
Од друга страна, финансиски приходи, стекнати од вложувања, заеми и камати и курсни разлики се зголемиле за 112,26%. Достигнуваат над 112 илјади евра, наспроти преклани евидентираните 76 илјади евра.
Во текот на минатогодишното работење, кратовската компанија имала оперативни расходи од 999.357 илјади денари или 16,2 милиони евра. За 10,56% пониски од годината пред тоа. Најголемиот дел од трошоците се за суровини и други материјали и за вработените.
Оттаму и профитот од 46.080 илјади денари, односно 749,2 илјади евра. За споредба, во 2023 година се зборувало за добивка од 65.753 илјади денари или 1,07 милиони евра.
„Силекс“ котира на Македонска берза, но речиси и не се тргува со акциите. Во последните 52 недели евидентирана е една трансакција, на 26 ноември лани, кога по цена од 70 денари биле купени 250 акции.