ПОВЕЌЕ

    Што е задолжителна резерва и како таа влијае врз понудата на кредити од страна на банките?

    Време зa читање: 2 минути

    Комерцијалните банки претставуваат значаен дел од банкарскиот систем на земјата и заедно со централната банка ја детерминираат понудата на пари во економијата. Со други зборови кажано, врз понудата на пари во економијата имаат еднакво влијание и емисијата на пари од централната банка и кредитниот потенцијал на комерцијалните банки во една земја.

    Цел и задача на постоењето на комерцијалните банки е да мобилизираат парични средства (депозити) и да им ги позајмуваат на правните или на физичките лица како позајмливи средства (кредити). На ваков начин, комерцијалните банки заработуваат помеѓу пониските каматни стапки исплатени на нивните штедачи и повисоките каматни стапки наплатени од корисниците на кредити.

    Сепак, износот што комерцијалните банки може да го пласираат во форма на кредити е ограничен од многу фактори, меѓу кои најзначајна е стапката на задолжителна резерва која претставува процент од вкупните депозити кои комерцијалните банки имаат обврска да ги чуваат во централната банка. Тоа се средства кои не се на располагање на комерцијалните банки, туку средства со кои централната банка ја регулира понудата на пари во економијата.

    Кога стапката на задолжителна резерва е ниска, комерцијалните банки имаат поголема количина на парични средства што може да ги пласираат во вид на кредити. Зголемената понуда на пари, краткорочно гледано, влијае врз зголемувањето на вработеноста и влијае врз зголемувањето на вредноста на бруто домашниот производ. Гледано долгорочно, зголемената количина на пари во оптек придонесува за појава на инфлација – состојба во економијата кога парите ја губат својата куповна моќ.

    Обратно, кога задолжителната резерва е висока, количината на парични средства кои банките ги даваат во вид на кредити е ниска. Високата задолжителна резерва влијае врз зголемување на каматната стапка на кредити, што ги прави кредитите непривлечни за економските субјекти кои имаат потреба од нив.

    Со цел да се намалат негативните ефекти и да се зголемат позитивните ефекти од понудата на пари во оптек, централната банка со политика на задолжителна резерва влијае врз понудата на кредити од страна на банките.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично