Од почетокот на проектот „Мој ДДВ“ на 1 јули, па заклучно со крајот на август скенирани се 15 милиони фискални сметки. По основ поврат на ДДВ на граѓаните ќе им бидат вратени 2 милиони евра, соопштија од Управата за јавни приходи.
Според директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, проектот е успешен и веќе дава резултати и во намалување на сивата економија. Бројот на пријави за неиздавање на фискални сметки од страна на граѓаните е зголемен за 100%.
„Проектот „Мој ДДВ“ минатиот месец ја наполни државната каса за дополнителни 15 милиони евра во делот на ДДВ, а и овој месец ќе има дополнителни 15 милиони евра по овој основ“, кажа Заев пред неколку дена од собраниската говорница.
Проектот „Мој ДДВ“ со скенирање на фискалните сметки им носи поврат на граѓаните 15% од платениот вкупен ДДВ, а првата исплата треба да биде во декември.