Повеќе од 600 производи опфатени со новогодишната потрошувачка кошница ќе се продаваат по цени пониски за десет отсто. Празничната кошничка ќе има рок на траење од 15 декември до 15 јануари идната година. Решението е различно од сите досегашни. Не е интервентна мерка, не е ограничување на цените, туку договор меѓу Владата, производителите и дистрибутерите, нагласи премиерот Христијан Мицкоски. Нема да има казни, туку само проверки за тоа дали се почитува договорот.
Самите граѓани ќе бидат во улога на инспектори, а Државниот пазарен инспекторат ќе излезе на терен доколку произлезе дека производители во изминатиот период ги зголемиле цените. Соодветни мерки за заштита на потрошувачите има, но премиерот не очекува манипулации од бизнис заедницата.
„Целта е да го помогнеме стандардот на македонските граѓани“, истакна Мицкоски, кој очекува ниски цени, среќни граѓани и полна трпеза за време на празниците.
Од средината на месецов треба да се намалат цените на основните прехранбени намирници – леб, житарки, месо и сувомесни производи, риба, млеко и млечни производи, свежи овошје и зеленчук.., односно на сите продукти кои вообичаено се најбарани во овој период и се најприсутни на празничните трпези. Опфатени се одредени видови алкохолни и безалкохолни пијалаци, чоколади, бонбони, супи, крекери, апетисани, бискивити, кафе, ајвар… Станува збор за производи определени од производителите и од трговците.
„Дојдовме до компромис заедно со бизнис заедницата дека од 15 декември до 15 јануари цените на одредени производи, повеќе од 600, ќе бидат со намалени цени. Истовремено, ќе бидат брендирани како и досега, со логото ‘Помалку трошоци, повеќе за тебе’, за да можат граѓаните да ги препознаат“, посочи Мицкоски.
Потврда за различноста во однос на досегашните мерки изнесе и министерот за економија, Бесар Дурмиши.
„Ова е сосема поразлично од претходно, и е со цел заштита на граѓаните. Различно е затоа што наместо ние како Влада да носиме одлука за намалување на цените на основните прехранбени производи, иницијативата е покрената од самите производители и дистрибутери, кои доставија листа на најпродавани производи, кои за празниците ќе се продаваат по цени пониски за десет и повеќе проценти“, наведе Дурмиши.
Во новогодишната кошница се спакувани 675 производи од 65 компании и дистрибутери. За нив граѓаните можат да се информираат на веб-страницата mojakosnica.mk.