
Домаќинствата во кои живеат родителите со своите деца и внуци, а понекогаш дури и родителите на родителите, веќе одамна се минато. Современиот начин на живеење, продолжувањето на животниот век, како и работниот ангажман на жените, наметнуваат сè поголема потреба од згрижување на возрасните. Ова создаде една нова стопанска дејност „Социјална заштита со сместување на стари и изнемоштени лица“, шифра под која се евидентирани 36 установи.
Цените што ги наплаќаат домовите за стари лица не се ни малку за потценување. Нема сместување по цена под 36.000 денари.
Порталот „Пари“ анализираше колку пари оставиле граѓаните во домовите за стари лица и колку профит оствариле сопствениците на тие домови во 2025 година.
Финансиските податоци покажуваат дека приходите растат, бројот на вработени се зголемува, платите се повисоки, но профитабилноста на дејноста нагло се намалува.
Вкупниот приход на компаниите во дејноста достигнал 564,7 милиони денари, односно околу 9,18 милиони евра, што е раст од 5,2 насто во однос на 2024 година. Вкупната добивка е само 21,3 милиони денари, или околу 346 илјади евра, што претставува драматичен пад од 55,8 насто во однос на 2024 година.
Одржувањето на еден ваков дом дефинитивно е скапа работа. Прво, треба да се инвестира во објект со соодветни стандарди, треба да се има доволно персонал, лекарска нега и, секако, храна. Од друга страна, во изминативе години во јавноста имаше и критики за одделни домови, а сè почесто се акцентира потребата од повеќе државни домови, кои финансиски ќе бидат подостапни за луѓето на кои ваква нега им е неопходна, а ќе бидат и под поголема контрола.
ВО КОИ ДОМОВИ ГРАЃАНИТЕ ОСТАВИЛЕ НАЈМНОГУ ПАРИ?
На врвот на листата по приход и во 2025 година е ХАНТЕРС ЛАЈФ од Петровец, со приход од околу 1,05 милиони евра. Приходот на оваа установа се зголемил за 8,3 насто.
Втор е Дом Софија од Битола, со околу 714 илјади евра приход, но со многу повисока стапка на раст ‒ 32,8 насто. На третото место е Терзиева од Скопје, со речиси 700 илјади евра, што е раст од 8,8 насто.
Во ТОП 10-те компании по приход нема компанија со пад на приходот. Најбрз раст, покрај Дом Софија, има Витаве, од 24,1 насто, додека Астреон има раст од 16,3 насто.
Интересно е што десетте најголеми компании според приход заедно направиле околу 5,70 милиони евра, што е повеќе од 62 насто од вкупниот приход на целата дејност.
Извор: Бизнис мрежа
ДОБИВКАТА Е ДРУГА ПРИКАЗНА
Добивките на најпрофитните домови за стари лица се движат од околу 11.000 евра до речиси 126.000 евра на прворангираната Хантерс Лајф.
Хантерс Лајф е и убедливо најпрофитабилната компанија меѓу десетте со најголема добивка. Во 2025 година остварила добивка од околу 126 илјади евра, а тоа е за 1 насто повеќе од претходната година.
На второ место е Витаве, со добивка од околу 41,6 илјади евра, но со спектакуларен раст од 201,8 насто. Тоа е најголемиот раст на добивката во ТОП 10-те компании.
Трета компанија е Миркоски, со околу 35,6 илјади евра, но нејзината добивка е намалена за 16,8 насто.
Најголем пад на добивката, од 37,8 насто, има кај ГЕРОНТАС, со што друштвото има профит малку над 12.000 евра.
Извор: Бизнис мрежа
Податоците што ги обработи Пари покажуваат дека лидерите во дејноста се концентрирани: ТОП 10-те компании по приход носат повеќе од 62 насто од приходите на целата дејност, ТОП 10-те компании по добивка се носители на 40,6 насто од вкупната реализирана добивка.
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








