ПОВЕЌЕ

    Високите буџетски дефицити веќе се неодржливи

    Време зa читање: 6 минути

    Заедничко на македонската и на економијата на Соединетите американски држави е тоа што и двете се финансираат со дефицити, вели поранешната вицегувернерка на Народната банка, Маја Кадиевска Војновиќ, во најновиот поткаст „Каде се парите“ на www.pari.com.mk.

    Таа верува дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден и републиканското мнозинство во Конгресот ќе се договорат за да се подигне лимитот на дозволеното задолжување, кој веќе е достигнат и изнесува 31,4 трилиони долари (31.400 милијарди долари). Ако не се подигне лимитот, администрацијата во Вашингтон нема да може да ги плаќа своите обврски.

    Маја Кадиевска Војновиќ, поранешна вицегувернерка на НБРМ и член на ИК на ВМРО ДПМНЕ

    Тоа е сумарното стравување дека нема да можат да се позајмат. И еве сега, конкретно, за 2022 година приходите во американскиот буџет биле 4,3 трилиони долари, а расходите биле 6,3. Дупката, дефицитот бил 1,4 трилиони долари. Овие се позајмени пари. Ако немаат можност да позајмуваат, бидејќи го имаат постигнато плафонот, тоа значи дека дел од своите обврски кои ги имаат преземено, МедикКер (MediCare), социјална помош, имаат еве трошоци за одбрана итн, па и капитални инвестиции, транспорт, едукација, сите оние функции на државата и плус оние плаќања на долг. Тоа се главница кога ќе достаса и плус плаќањата за каматите. Во американската економија, тоа е стравот, од платите на каматите кои влегуваат во буџетот во ставката на трошоци се многу високи. И тоа е стравувањето. Ако немаат доволно средства собрано, даноци, да речеме во јуни, тие не ќе можат одредени функции од државата да исполнат, а воедно и не ќе можат да одговорат на обврските коишто се по долг“.

    Кадиевска Војновиќ вели дека клучниот страв е дека нема да се платат каматите на позајмените пари, за чија исплата се потребни на дневно ниво над милјарда долари, со што ќе се предизвика лавина во другите економии во светот кои го финансираат овој долг како што се јапонската, кинеската, британската. Таа во поткастот повлече паралела меѓу случувањата во економијата на САД и на Македонија, истакнувајќи дека и нашата економија се финансира со големи буџетски дефицити, кои наместо за инфраструктура, најчесто владите ги трошат за други, непродуктивни намени.

    Маја Кадиевска Војновиќ, поранешна вицегувернерка на НБРМ и член на ИК на ВМРО ДПМНЕ

    Креираме многу дефицити и ова е дефицитарно финансирање. Ние од 2009 наваму со дефицит се финансираме. Немаме година суфицит да сме оствариле или избалансиран буџет. Во некои години биле малку поголеми, некогаш биле помали, но последниве четири години ние екстремно креираме дефицит и затоа јавниот долг ни оди многу“.

    Поранешната вицегувернерка Кадиевска Војновиќ рече и дека освен високиот дефицит, заедничко со американската економија ни се уште неколку структурни слабости, кои се фактор за неодржливост на среден и долг рок на двете економии. Ги наброја лошата демографија, односно намалениот наталитет и стареењето на населението, слабите инвестиции меѓу кои и капиталните, како и проблемите со даночните системи кои не генерираат доволно доход.

    Маја Кадиевска Војновиќ, поранешна вицегувернерка на НБРМ и член на ИК на ВМРО ДПМНЕ

    „Клучен е даночниот систем. Дали ние доволно собираме даноци, тоа е прашање. Не собираме многу даноци. Неодамна бев на конференција на истата тема. Општинските финансии. Значи, 81 општина се во Македонија. Анализирани се буџетите на 81 и кој е заклучокот? Има општини, верувајте – нула даноци. Тие зависат чисто од трансферите на централниот буџет. Некои општини плаќаат даноци, некои не плаќаат даноци, а сакаме регионален рамномерен развој.

    Таа истакна дека освен лошата структура на Буџетот, каде што голем дел од парите се даваат на социјални трансфери, плати и на општините, дополнителен проблем ни е и сивата економија. Поради тоа стотици милиони евра не завршуваат во Буџетот. Дополнително, таа истакна дека за само шест месеци Министерството за финансии во фискалната стратегија ревидираше колку пари ќе треба да враќаме во периодот 2023 – 2027 година на име камати на задолжувања во странство и дома. Во ревидираната стратегија оваа стапка е зголемена за 1п.п., што значи раст од минимум 50 милиони евра годишно за плаќање камати поради задолжувањата за сервисирање на буџетскиот дефицит.

    Маја Кадиевска Војновиќ, поранешна вицегувернерка на НБРМ и член на ИК на ВМРО ДПМНЕ

    Замислете, јас се фрапирав од една бројка, а тоа е среднорочната фискална стратегија според ММФ, бидејќи во нашата од  Министерство за финансии се пониски сумите на секоја година колку камати треба да отплаќаме. Меѓутоа, ММФ за 2027 година го вели следното: Македонија за камати, значи на долг преземен или иден – бидејќи е проекција, ќе треба да плати ни помалку ни повеќе 440 милиони евра. Ние сега отплаќаме околу 13 милијарди денари, значи 200. Значи, од 2023 до 2027 година ќе се дуплираат каматните отплати во Буџетот. Тоа значи дека, де факто, многу мал простор ќе ни остане за сето останато: за инвестиции во здравство, да го модернизираме образованието, да се направат нови работи, а не сега како што ни е руинирано образованието и останатите работи. Зошто? Затоа што во некое минато, па и некој нареден период, пак ќе креираме дефицити, сме преземале обврски за високи каматни отплати“.

    Кадиевска Војновиќ смета дека најавената народна обврзница на Министерството за финансии, со која ќе се соберат дополнителни пари од граѓаните, ќе се употреби за финансирање на проектите што ќе ги гради конзорциумот „Бехтел – Енка“. Таа посочи дека е можно со ова извлекување на парите од граѓаните да се наруши банкарскиот систем.

    Маја Кадиевска Војновиќ, поранешна вицегувернерка на НБРМ и член на ИК на ВМРО ДПМНЕ

    „Чудно ми е што и гувернерката не алармира и банкарите некако не алармираат во поголема мерка. Можеби некој сега може да ги види ефектите, некој подоцна, без разлика. Јас сметам дека не се уплашени дека народот ќе инвестира во државата“.

    Во поткастот се зборуваше и за јавниот долг.

    Поткастот со Маја Кадиевска Војновиќ се емитуваше на 27.05.2023 година на Јутјуб каналот на www.pari.com.mk .

    Поткастите ќе се емитуваат на секои две недели, во сабота во 22 часот.

    Новинар и водител: Горан Теменугов

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично