
Сместено во подножјето на планината Јабланица, автономно по дух и препознатливо по својот необичен пасош, Вевчани со децении покажува како една мала рурална општина може да изгради силна туристичка приказна надвор од рамките на класичниот езерски туризам.
Само неколку километри по одвојувањето од Струга, патот почнува да се искачува кон населбата распослана по ридот. По последните кривини пред нас се отвораат старите куќи, тесните улици и водата што се спушта од планината и минува низ самото место.
Вевчани не го дочекува посетителот со големи хотели и бетонски комплекси. Тука доминираат зеленилото, каменот, дрвото и постојаниот звук на водата. Уште при првата прошетка се чувствува дека ова не е место создадено само за туристите, туку средина што го задржала својот карактер, а токму него го претворила во своја најголема туристичка предност.
Најпознатата природна атракција се Вевчанските извори, сместени на околу 900 метри надморска височина. Од центарот на Вевчани до локалитетот има околу 550 метри, кои лесно се минуваат пеш. Изворите во 1997 година биле прогласени за Споменик на природата, а денес околу нив има уредени патеки, места за одмор, видиковец и информативни табли за растителниот и животинскиот свет.

Додека најголем дел од туристите во овој регион се концентрирани по езерската линија, Вевчани успеало да создаде сопствен туристички микросистем. Тој се темели на изворите, планината, културното наследство, карневалот и традиционалната гастрономија.
Тука туризмот не се сведува само на фотографирање и кратка прошетка. Посетителот доаѓа поради природата, но останува поради храната, амбиентот и чувството дека на едно место може да добие целосно доживување.
Таков пример е комплексот „Виа Игнатиа“, сместен непосредно покрај Вевчанската Река, во зеленило и подалеку од класичниот градски амбиент. До ресторанот се пристигнува низ дел од Вевчани во кој водата, старите куќи и природата постепено го подготвуваат посетителот за она што го очекува.
Кога ќе се влезе во комплексот, веднаш станува јасно дека тука не се продава само ручек. Се нуди цело искуство – доаѓање во Вевчани, прошетка, престој покрај реката и оброк во средина што е неразделен дел од туристичката понуда.

Ресторанот веќе три децении претставува еден од препознатливите угостителски брендови во овој крај. Неговата понуда се темели на локални и домашно одгледувани производи, традиционални рецепти и природниот амбиент во кој се наоѓа.
Комплексот располага со сопствен рибник, фарма за полжави и градина во која се одгледува храна што се користи во кујната. На трпезата се нудат и традиционални печива како вевчански виткалник, качаник и комат под сач, како и домашни месни специјалитети и познатите вевчански луканци.
Токму ваквиот пристап покажува како една приватна иницијатива може да создаде заокружен систем во кој дел од производството, подготовката и услугата се врзани за истото место. Парите што ги оставаат посетителите не завршуваат само во ресторанската каса, туку ја поддржуваат локалната храна, земјоделството, вработувањата и другите услуги поврзани со туризмот.
Во ресторанскиот дел може да се сместат повеќе од 250 посетители, а комплексот нуди и мини зоолошка градина и простор за организирање различни настани. Тоа му овозможува да привлече семејства, деловни групи и гости кои во Вевчани бараат мир, рекреација или организиран престој.

„Виа Игнатиа“ не се ограничува само на угостителството. Во комплексот се организираат уметнички изложби, тим-билдинг настани и традиционалната ликовна колонија „Вевчански видувања“, која носи уметници од различни земји и остава трајно културно наследство во општината.
Името на комплексот неизбежно потсетува на древната Виа Егнација, римскиот пат што го поврзувал Јадранското Море со источниот дел на Римското Царство. Трасата минувала низ денешна Албанија, Македонија, Грција и Турција, низ поширокиот охридско-струшки регион и планинскиот предел на Јабланица.
Во современо Вевчани тоа име добива поинакво значење. Наместо пат по кој се движеле војници и трговци, денес води кон локалната кујна, природата и туризмот. Но, економската логика останува слична – местата се развиваат кога низ нив минуваат луѓе, производи, идеи и пари.
„Виа Игнатиа“, заедно со ресторанот „Кутмичевица“, „Апартмани Шутиноски“ и операторот за авантуристички активности „JJ Adventures“, е меѓу локалните бизниси што добиле сертификат Good Travel Seal. Сертификатот се доделува според критериуми поврзани со заштитата на животната средина, односот кон локалната заедница и зачувувањето на културата.
Во рамките на овој модел, дел од приходите од одредени производи и туристички искуства се насочуваат кон управувањето и заштитата на подрачјето околу Вевчанските извори. Тоа е важен принцип за место во кое природата не е само украс, туку основен економски ресурс.
Примерот на Вевчани покажува дека одржливиот развој на руралниот туризам не мора да значи масовна изградба. Понекогаш најголемата вредност се создава со зачувување на она што веќе постои – водата, природата, традиционалната храна и локалниот начин на живот.
Катерина Михајлова
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








