
Во јули и август Струга е преполна со туристи. Мостовите над Црн Дрим се претворени во скокалници, на градските плажи место се зафаќа уште рано претпладне, а за ручек и вечера слободна маса покрај реката – тешко се наоѓа. Во чаршијата се мешаат јазици и култури, улиците се претесни за автомобилите со странски регистарски таблички, а хотелите, апартманите, рестораните и продавниците го живеат најдинамичниот дел од годината.
Во тие „пет минути“ се чини дека Струга нема никаков проблем од аспект на туризмот. Градот ги има Охридското Езеро и Црн Дрим, плажите, старата чаршија, ресторани крај водата, Калишта, Радожда, манастирите, пештерските цркви. „Сопственик“ е и на светски познатите Струшки вечери на поезијата, на традиционалниот Ракометен турнир, на Филмскиот фестивал „Drim Short“… Има што да се види и доживее во Струга.
Но, како и филмовите што се прикажуваат на фестивалот, и струшкиот летен филм е краткометражен.
Кога ќе помине главната сезона, ритамот нагло се менува. Терасите остануваат полупразни, движењето низ градот се намалува. Се крати работното време за да се намалат трошоците, а некои бизниси што директно зависат од туризмот, скоро и да хибернираат. Реката што во јули и август е опкружена со музика и гужва, од ноември е како осамен шетач.
Токму во оваа разлика меѓу летната врева и вонсезонската тишина се наоѓа струшкиот економски парадокс: градот над кој се вишнее Јабланица располага со туристички потенцијал во текот на целата година, но најголемиот дел од туристичкиот промет го создава во само неколку летни недели.

ТРИ ЧЕТВРТИНИ ОД НОЌЕВАЊАТА ВО ЈУЛИ И АВГУСТ
Официјалните податоци од Државниот завод за статистика го потврдуваат она што во Струга е видливо секоја есен, зима и донекаде пролет.
Во текот на 2025 година, во Струга биле регистрирани 126.666 туристи, кои оствариле вкупно 408.070 ноќевања. И тоа, 308.369 само во јули и во август. Во тие два месеци се реализирани 75,6 проценти од сите ноќевања во годината.
Доколку се додадат јуни и септември, кога освен некој продолжен викенд може да се случи и настан во рамките на конгресниот туризам, тогаш во четири месеци се концентрирани дури 85,4 проценти од годишните ноќевања.
Сепак, и покрај овој „додаток“, струшката туристичка каса најмногу се полни во јули и август.
Разликата меѓу летото и доцната есен е огромна. Во јули 2025 година биле остварени 154.400 ноќевања, додека во ноември само 5.861. Споредено преку бројот на ноќевања, јули бил повеќе од 26 пати посилен од ноември.
Сопственик на ресторан покрај Црн Дрим со кого разговаравме објаснува дека во август објектот работи со максимален капацитет, со постојано полни маси и речиси без пауза за вработените. Но, веќе во октомври прометот значително се намалува, поради што се кратат трошоците и се намалува бројот на сезонски работници.
Според него, тешко може да се изгради стабилен бизнис што треба да функционира цела година ако најголемиот дел од заработката се создава во неколку месеци.

СМЕСТУВАЊЕ ОД 1.000 ДЕНАРИ ЗА НОЌ
Струга со години важеше за помирна и поевтина алтернатива на Охрид. И денес во градот може да се најде сместување за различни буџети, но цените значително се разликуваат во зависност од локацијата, големината, опременоста и периодот на престој.
Според податоците што ги собравме преку директни јавувања и проверка на понудите, цените за соби и помали приватни апартмани започнуваат од околу 1.000 за ноќ. Во главната сезона, сместувањето во подобро опремени објекти и на локации поблиску до езерото или центарот е поскапо.
Во апартмански комплекси на првата линија покрај езерото, ноќевање за двајца се нуди за околу 3.500 денари. Поголемите апартмани се огласуваат за 70 евра, додека објектите со поголем капацитет за 6 до 8 луѓе достигнуваат и 110 евра за ноќ.
Кај хотелското сместување цената најчесто вклучува и дополнителни услуги. Во објавената понуда за хотелот „Дрим“, престојот во двокреветна соба изнесува 44 евра по лице со појадок, 51 евро со полупансион и 58 евра со полн пансион.
За двајца гости тоа значи дневен трошок од 88 до 116 евра, зависно од избраниот пакет.
Струга сè уште може да биде поевтина од други развиени туристички центри, но веќе не е дестинација во која секое сместување е евтино. Во летниот шпиц цените се приближуваат до оние во многу поголемите регионални одморалишта.
СТРАНЦИТЕ ДОАЃААТ И СИ ОДАТ, ДОМАШНИТЕ ОСТАНУВААТ
Структурата на гостите открива уште еден важен економски контраст.
Во 2025 година Струга ја посетиле 75.969 странски туристи, кои претставувале околу 60 проценти од сите регистрирани пристигнувања. Домашни гости имало 50.697.
Но, кога ќе се анализира бројот на ноќевањата, претставата се менува.
Домашните туристи оствариле 285.339 ноќевања, или речиси 70 проценти од вкупниот број. Странските гости зад себе оставиле 122.731 ноќевање.
Домашниот турист во Струга, во просек, престојувал 5,63 ноќи, додека странскиот се задржувал само 1,62 ноќи.
Оваа разлика е особено важна за локалната економија. Гостинот што престојува една недела има повеќе можности да троши во рестораните, маркетите, на плажите, за паркинг, превоз и други услуги.
И секако, предизвикот е – како странскиот турист да не ја доживува Струга само како попатна станица во пошироката тура низ Охридскиот Регион, туку како дестинација во која има причина да остане неколку дена.

ДИЈАСПОРАТА ЈА ПОЛНИ СТРУГА
Во официјалните податоци недостига една група која во јули и август е невозможно да не се забележи – струшката дијаспора.
Голем број иселеници во Швајцарија, Германија, Италија, Австрија и други европски земји престојуваат во сопствените домови или кај своите семејства. Поради тоа, тие не се појавуваат во статистиката за регистрирани туристи и комерцијални ноќевања.
Нивната потрошувачка, сепак, се чувствува во рестораните, особено кај тие што организираат свадби и големи веселби, во маркетите, на бензинските станици, во бутиците, кај локалните занаетчии и даватели на услуги…
Иселеници со кои разговаравме велат дека секое лето значителен дел од својот годишен одмор го минуваат во Струга, каде што купуваат, користат угостителски услуги и вложуваат во недвижности.
Сепак, според нив, градот треба да понуди повеќе содржини за младите и за семејствата што доаѓаат од странство. Нивното очекување е Струга постепено да прерасне во поуреден и современ туристички центар, со повеќе културни, забавни и спортски активности, наместо понудата да се сведува главно на кафулиња и плажа.
УБАВИНАТА ПОСТОИ ЦЕЛА ГОДИНА, ТУРИЗМОТ НЕ
А, Струга има многу повеќе од само плажи и летни кафулиња.
Црн Дрим, кој истекува од Охридското Езеро и минува низ центарот, му дава на градот изглед што ретко се среќава. Калишта и Радожда нудат манастирски, рурален и гастрономски туризам. Постојат можности за велосипедизам, пешачење, кајакарење, риболов и водени спортови.
Но, овие точки сè уште не создаваат доволно силна и поврзана понуда што би ги задржала гостите подолго и би привлекувала посетители во било кое годишно време. Вистинскиот предизвик е природните и културните предности да креираат приходи и работни места и откако ќе заврши летото.
Сѐ додека три четвртини од ноќевањата се создаваат во само два месеца, градот ќе ги живее двете крајности: лето кога „врие“ и долги месеци кога крај Дрим одмора тишината.
Катерина Михајлова
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








