ПОВЕЌЕ

    Уште една авиокомпанија заминува во историјата

    Време зa читање: 3 минути
    Акционерите на италијанската авиокомпанија „Ер Итали“, меѓу кои и „Алисарда“ и „Катар ервејс“ се согласија да започнат со процесот на ликвидација на компанијата.

    Овој потег следи по неуспешните договори за финансирање на компанијата што прави рекордни загуби. „Катар ервејс“, како помал сопственик на компанијата, со 49 проценти од акциите, веднаш се огласи по објавувањето на официјалното соопштение на „Ер итали“. Во изјавата за медиумите, „Катар Ервејс“ со жалење потврди дека е донесена одлука за да се прекине работењето, како и за тоа дека имаат направено сé што е потребно и биле подготвени да продолжат да инвестираат во компанијата, но дека таквата одлука потребно е сите нејзини сопственици да се согласат, пренесува Aviatica.rs.

    Според официјалното соопштение од компанијата, прекинот на сите воздушни операции е планирано за 25 февруари 2020 година. Сите летови до тој ден ќе се извршуваат според редовниот распоред на летови и патниците со важечки авионски билети немаат причина да се грижат, пренесува Aviatica.rs.

    Оние патници кои имаат билети за летање после наведениот датум можат да добијат целосен поврат на средства или да бидат префрлени на летови од други авиокомпании без дополнителни трошоци.

    Бурната историја на компанијата, која постои од 1963 година, требаше да влезе во помирни води со пристигнување на арапски инвеститор. „Катар ервејс“ со својата сопственост од 49 проценти, започна големи промени од февруари 2018 година, кога името на компанијата од „Меридијан“ беше сменето во „Ер Итали“, и беше направено ново брендирање, пристигнаа нови авиони и мрежата на авиолинии започна да се шири.

    Меѓутоа, компанијата ја заврши 2018 година со загуба од 164 милиони евра, што во тоа време компанијата ја чинеше речиси 60 проценти од вкупните приходи. Минатогодишната загуба беше уште поголема, според италијанските медиуми, иако резултатите за минатата година сè уште не се официјално познати.

    Седиштето на компанијата е во Олбија, на островот Сардинија. ‘Рбетот на флотата се современите авиони „Ербас А330“ што ги обезбеди компанијата „Катар ервејс“. Петте авиони „Боинг 737-700/800“ требаше да бидат повлечени од возниот парк и да бидат заменети со „737 макс“, но ова беше пролонгирано со оглед на тоа што овој тип на авиони се приземјени, пренесува Bankar.rs.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично