ПОВЕЌЕ

    УНИ Банка со пораст од 17% на вкупните приходи во однос на истиот период минатата година

    Време зa читање: 4 минути

    УНИБанка заклучно со третиот квартал од 2019 година, делуваше во согласност со приоритетните цели и задачи дефинирани во усвоениот бизнис план за 2019 година. Клучна цел беше остварување на максимален профит преку оптимално ангажирање на изворите на средства во сигурни и профитабилни пласмани, во услови на стабилизирање на политичкиот амбиент и стабилизирање на очекувањата на економските субјекти.

    1. Сметководствени политики и методи на вреднување

    Заклучно со третиот квартал од 2019 година, Банката нема промени во сметководствените политики и методите на вреднување.

    1. Остварени приходи

    Остварените вкупни приходи од работење изнесуваат 1.127,8 милиони денари и во однос на истиот период минатата година бележат пораст од 17%.

    Најголем придонес во остварувањето на позитивен финансиски резултат во износ од 161,9 милиони денари имаат приходите од камати како најзначаен елемент на банкарските приходи.

    Имено, во структурата на вкупните приходи (приходи од камати, приходи од провизии и надомести, нето-приходи/расходи од курсни разлики, останати приходи од дејноста и загуба поради оштетување на нефинансиските средства на нето основа), најголемо учество од 69.8% имаат приходи од камати, кои во споредба со 2018 година се зголемени за 12.7%, како резултат на порастот на кредитното портфолио кое во однос на 31.12.2018 се зголеми за 11% и достигна ниво од 15,6 милијарди денари. Анализата на секторската структура на приходите од камати покажува поголема ориентација на Банката кон кредитирање на секторот население и соодветно е остварен годишен пораст од 16 проценти на приходите од камати на население.

    Порастот на кредитирањето, зголемениот обем на активности во доменот на платен промет и картично работење, придонесоа приходите од провизии на Банката да се зголемат за 20.9% во однос на истиот период од минатата година.

    1. Остварени расходи

    Остварените расходи заклучно со третиот квартал од 2019 година, изнесуваат 965,9 милиони денари и бележат пораст од 26.2% во однос на истиот период од 2018 година. Значителен придонес во зголемувањето на расходите на Банката имаат расходите од камати како резултат на прибирањето на дополнителни средства од финансискиот сектор и секторот население. Зголемените расходи на Банката произлегуваат и од порастот на административните расходи, предизвикани од исплата на награда на вработените и исплата на еднократна договорна испратнина, како и заради зголемување на износот на издвоени средства за зајакнување на резервациите по кредити.

    1. Исплатени дивиденди

    Во текот на 2019 година, Банката нема исплатено дивиденди.

    1. Вложувања или продажба на материјални средства

    Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања се намалени за 61.7% во однос на Декември 2018 како резултат на евидентирано оштетување на преземени имоти, реализирана продажба на еден преземен имот, како и пренамена на два преземени имоти во основни средства на Банката.

    1. Обврски по кредити

    Обврските по кредити во 2019 година се намалени за 2.8% во однос на 31.12.2018 година.

    1. Исполнување на планот и очекувања за престојниот период

    Податоците за остварување на билансните цели на Банката се во согласност со  очекуваните заклучно со третиот квартал од 2019 година. Растот на кредитното портфолио на Банката е речиси на ниво на планираниот, со акцент на порастот на кредитирањето на секторот население, кое бележи пораст од 12.3% во однос на Декември 2018.

    Анализата на структурата на пасивата на билансот на состојба за 2019 година и нејзината споредба со планираната укажуваат на 100 % исполнување на таргетираните извори на финансирање од секторот население, кои бележат зголемување од 10.6% во однос на 31.12.2018. Во структурата на пасивата на билансот на состојба на УНИБанка во 2019 година е реализирано издавање на хибриден капитален инструмент, познат како перпетуална обврзница, кој значително ја зголеми капиталната позиција на Банката.

    Во претстојниот период  Банката очекува континуиран раст на кредитното портфолио на Банката, кој би бил подржан со зголемен раст на депозитната база преку имплементација на нови депозитни продукти, во насока на зголемување на учеството на нефинансиските извори на финансирање, пред се учеството на трансакциските сметки, остварување на повисока нето каматна маргина, зголемување на пазарното учество и исполнување на сите зацртани цели во Бизнис планот на Банката за 2019 година.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично