ПОВЕЌЕ

    ТУРИЗМОТ ЖИВНА – Туристи не се привлекуваат само со пониски цени

    Време зa читање: 4 минути

    Македонскиот туризам крена глава. По кризните пандемиски години забележливо е раздвижување, а туристичките центри, освен домашните, кои и натаму се побројни, угостија и странци. Во сезоната што измина, особено во крајезерските места, имаше посетители од Србија, Полска, Холандија… Најмногу од Турција. Летово дојдоа и Британци, како резултат на новите авиолинии и чартери на релациите Манчестер – Охрид и Лондон – Охрид. Сепак, на крајот од годинава ќе се види дали се исполнети зацртаните 3,3 милиони ноќевања и девизен прилив од 430 милиони евра.

    Раздвиженоста ја потврдуваат и статистичките податоци. Во август се забележани 216.872 туристи. Во структурата доминираат домашните гости со 52,9 проценти (114.811). Тој месец во државата престојувале и 102.061 странски турист, што претставува 47,1 отсто.

    Сите тие, според податоците од Државниот завод за статистика, оствариле 877.138 ноќевања – 660.020 од македонските и 217.118 од странските туристи. Процентуалниот сооднос е 75,2 спрема 24,8.

    Оптимистички се и бројките кои упатуваат на тоа дека од јануари до август бројот на туристите е зголемен за 22 проценти, споредено со истиот период минатата година. Особено што подемот се бележи кај странците – за 42,4 насто. И кај домашните гости има зголемување, но тоа е за минимални 0,4 проценти.

    Во тој осуммесечен перод кај ноќевањата е евидентиран годишен раст од 9,6 проценти. Кај домашните туристи зголемувањето е за 1,2, а кај странските – 25,5 насто.

    Главна дестинација летово беа туристичките центри лоцирани на езерските крајбрежја. Во август таму престојувале 143.326 лица: домашни 99.271 и странци 44.055. Оттаму статистиката нотирала 735.531 ноќевање. Најголемиот дел, односно 617.000 остварени од нашинците, а 118.531 од странските гости.

    Како главен град, туристите не го одминале Скопје. Во август, неговите убавини, но и оние нешта непријатни за очи, ги виделе 40.728 посетители. Од нив, 36.888 странци, кои зад себе оставиле 61.355 ноќевања. Од вкупно 68.794 колку што влегле во статистиката.

    На хотелските рецепции во август се пријавиле 94.981 странец, од вкупно 120.516 гости. Што е потврда дека овој вид сместување е најпогоден за нив. Притоа имаат 199.940 ноќевања, од сите  262.831. Во овој сегмент домашната реализација заостанува – 25.535 лица и 62.891 ноќевање.

    Затоа, пак, нашите туристи ја користат за престој приватната понуда – куќи, станови и соби кои се издаваат под наем. Во август отседнале 79.900 гости, од кои домашни 78.684 и многу помалку странци – 1.216. Нашинците оствариле 547.375, а дојденците 3.034 од вкупниот број ноќевања 550.409 забележани во осмот месец од годината.

    Во структурата на странските туристи и натаму најголем е уделот, во август со 19,8 отсто, на Турците, кои со месеци наназад се на врвот од статистичките податоци. Од Турција во Македонија допатувале 31.808 гости, кои направиле 43.091 ноќевање. 19,8%

    Исто така, нема промени ниту на втората позиција, која веќе традиционално им припаѓа на Србите. Во август дошле 9.126 и реализирале 20.269 ноќевања. Од вкупниот број туристи зафаќаат 9,3 проценти.

    Гледано по тримесечја, туристичкиот промет расте. Последните податоци се уште се оние за вториот квартал, кога се забележани 136 милиони долари и зголемување од 28 проценти на годишно ниво. Или, во првата половина од оваа година движењето по нагорна линија е за 24 проценти, приливот е во износ од 229 милиони долари.

    Амбициите на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот се во годините што следат да се согледливи што поголеми ефекти. За 2024 се во план 530 милиони долари кои од македонскиот туристички сектор ќе се слеат во домашната економија. Прогнозите за 2025 година се уште пооптимистички – повеќе од 3,7 милиони ноќевања и промет од над 600 милиони долари.

    За тоа е потребна соработка од државата, но и регрутација на работна сила, која засега е дефицитарна. Вработените во областите поврзани со туризмот, особено од угостителството, масовно заминуваат надвор од земјава, пред се во Хрватска. Недостатоците се одразуваат и на економски и на инфраструктурен план, иако во туризмот има големи можности. Во Македонија има што да се види, но на туристичката понуда треба многу да се работи, затоа што ниските цени не се пресудни за луѓето кои сакаат да патуваат и да откриваат нови дестинации.

    М.А.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично