Сопствениците на корпоративната обврзница од втората емисија на ТТК банка, во петок (14 февруари) ќе ги добијат парите од годишната камата, пресметана по стапка од 2,7 проценти. Ценовно чувствителната информација е споделена преку Македонска берза.
Право на исплата на главница и на камата имаат лицата чии имиња се евидентирани во книгата на иматели на оваа обврзница во Централниот депозитар за хартии од вредност. И тоа, заклучно со 13 февруари.
„Тргувањето со обврзниците во деновите 12 и 13 февруари 2025 година ќе се реализира со пресметана акумулирана камата за 365 и 366 денови соодветно, при што купувачот при порамнувањето на 14 и 17 февруари 2025 година ќе треба да го уплати износот на чистата цена (+) акумулираната камата на продавачот. При ова, купувачите ќе бидат регистрирани во книгата на иматели на Корпоративната обврзница – втора емисија на обврзници во Централниот депозитар за хартии од вредност АД Скопје на 14 и 17 февруари 2025 година, соодветно, и нема да остварат право на исплата на годишната камата“, пишува во известувањето од ТТК банка.