ПОВЕЌЕ

    ТРГОВЦИТЕ ЗАГРИЖЕНИ И ЗА СЕБЕ И ЗА ГРАЃАНИТЕ – Владините мерки удираат и по фирмите и по социјално ранливите

    Време зa читање: 4 минути

    Не се води сметка за приоритетите на граѓаните со пониски примања. Владините одлуки нема да ги заштитат ранливите категории. Напротив, одат во прилог на  потрошувачите со повисоки приходи. Ова е ставот на Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалоци и тутун, од каде што преку соопштение изразуваат сериозна загриженост поради донесените одлуки од страна на Владата за ограничување на маржите. И бараат итна средба со премиерот и со министерот за економија.

    Еве што велат трговците:

    „Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалоци и тутун изразува сериозна загриженост во врска со вчерашните одлуки на Владата, кои беа соопштени од заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески. Според овие одлуки, се предвидува ограничување на маржите на основните прехранбени производи, при што се очекува дека цените на овие производи ќе се намалат во просек за 10 отсто, освен за млекото, лебот, брашното тип 400 и 500, јајцата, маслото за јадење, јогуртот и киселото млеко, за кои се предвидува да останат на исто ниво, односно да не се зголемуваат.

    Сепак, забележуваме дека во својата изјава, заменик-министерот сам се демантира. Од една страна, се наведува дека основните производи се маржираат од 20-25%, што е причината за ограничувањето на маржата на 5%, но од друга страна се тврди дека нема да има значително намалување на цените. Логично е,  цените да се намалат за 15-20%, доколку се намали маржата на овој начин.

    Дополнително, овие одлуки не ги заштитуваат социјално загрозените граѓани, туку најголемата финансиска корист ќе ја имаат потрошувачите со повисоки приходи. На пример, во групата на месни производи ќе треба да се намалат цените и на луксузни производи, што значи дека не се води сметка за приоритетите на граѓаните со пониски примања.

    Исто така, иако Владата најави дека оваа мерка ќе опфати 1000 производи, во реалноста се работи за многу поширока листа од 3000-4000 производи, вклучувајќи ги сите видови млеко со различни маслености, како и производи како што се детергенти и сапуни.

    Целиот сектор ја дели загриженоста, иако до Владата, Министерството за економија и труд и Државниот пазарен инспекторат достави конкретни предлози, кои се одраз на реалната состојба. Овие предлози беа на барање на Владата. Тие имаат за цел да се обезбедат ефективни мерки за намалување на цените, а истовремено да не го загрозат опстанокот на трговските претпријатија.

    Затоа предлагаме Владата посериозно да ги земе предвид нашите аргументирани предлози, кои се во согласност со Уставот и законите на државата, пред да донесува вакви сериозни одлуки, кои можат да нанесат голема штета на сите стопански субјекти вклучени во трговската дејност.

    Со вакви избрзани одлуки, се нанесува значителна штета на голем број стопански субјекти кои имаат клучна улога во развојот на економијата. Овие компании се соочуваат со неизвесност во нивните идни инвестиции и активности, а истовремено се испраќа негативна порака до сите потенцијални инвеститори во дејноста.

    Поради горенаведените причини, Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалоци и тутун бара итна средба со премиерот и министерот за економија и труд, за да ги разгледа последиците од овие одлуки и да ги земе предвид аргументираните предлози на компаниите од трговската дејност. Овој наш став, од неофицијални извори, го делат или го поддржуваат сите компании што се занимаваат со трговска дејност. Овие компании вработуваат 4700 граѓани и нивното функционирање е од суштинско значење за економската стабилност на државата“.

    Трговците коморски се организираа минатата недела, со цел да се спротивстават на тогаш најавените рестриктивни мерки. Нивната последна реакција и укажувања се поттикнати од вчерашните владини одлуки за скалесто ограничување на маржите на 5, 10 и 15 проценти, со што се опфаќаат 102 групи прехранбени и непрехранбени производи. Притоа, утврдени се највисоките цени на осум групи производи со  референтна цена од први февруари. Спроведувањето на марките ќе почне деновиве, а ќе заврши на крајот од април.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично