Маж на возраст од 44 горини го загуби животот, а дете се здоби со тешки повреди во тешка несреќа во близина на водопадот Савица во Бохињ, Словенија. Двајцата паднале во провалија на непристапен терен, недалеку од езерото Бохињ, што наложило спроведување сложена спасувачка операција.
Планинската спасувачка служба од Бохињ првично добила пријава за пад на дете, но по пристигнувањето на местото на настанот, спасувачите откриле дека во провалијата паднал и таткото. За да стигнат до настраданите, тие морале да се спуштат речиси 60 метри до речното корито во подножјето на стрмната падина. Во операцијата се вклучил и хеликоптерски тим за планинско спасување од Брник.
Според досега достапните информации, во сериозната несреќа што се случила во саботата попладне, во близина на водопадот Савица во Словенија, татко и неговиот седумгодишен син паднаа во провалија додека се враќаа од посетата. Претходно, семејството застанало на одморалиште опремено со маса и клупи. Според извештаите на израелските медиуми, настраданиот маж е Гил Хилел, татко на три деца.
Тешко повреденото седумгодишно момче беше пренесено со хеликоптер на полициската воздухопловна единица до Универзитетскиот клинички центар во Љубљана. Таткото бил пронајден починат. Планинските спасувачи употребија техники со јажиња за да го извлечат неговото тело и да го пренесат до почетната точка, каде што беше предадено на погребната служба.
Во објава на социјалните мрежи, непосредно по завршување на спасувачката акција, горската спасителна служба од Бохињ, Словенија, вака извести за трагичниот случај:
„Во својата книга *Mountain Hazards* (Опасности во планините), Пит Шуберт постојано укажува на еден едноставен, но вознемирувачки факт: ако нешто може да се случи, порано или подоцна тоа и ќе се случи. Планинските несреќи ретко се резултат на само една грешка; почесто тие произлегуваат од сплет на околности, случајности и погрешни одлуки кои се поклопуваат во одреден момент и предизвикуваат несреќа.
Самата опасност не мора нужно да доведе до несреќа. Иако планините се полни со опасности, несреќата се случува дури кога опасноста ќе се вкрсти со нашите постапки. А токму човечките одлуки се онаа алка во синџирот врз која имаме контрола.
Барем еднаш годишно, ние, планинските спасувачи од Бохињ, се спуштаме по стрмните падини, издлабени низ милениумите од потокот Савица, за да го расчистиме теренот под планинскиот дом на врвот. Таму дури сме изведувале и вежби за обука, постојано прашувајќи се каков сплет на околности и случајности би бил потребен за некој да заврши во длабочината под нас – што би барало од нас да спроведеме вистинска спасувачка акција.
За жал, тоа се случи.
„Дете падна во бездната.“
Дали постои поужасен повик за интервенција?
Голем број спасувачи веќе беа на карпестиот дел под Белви поради вежба, а пилотите на дронови токму ги завршуваа своите летови. Поради тоа, можевме речиси веднаш да се упатиме кон местото на настанот. Откако накратко разговаравме со присутните, ја потврдивме несреќата и дознавме дека во клисурата има две лица – детето и неговиот татко – се фативме за работа и се спуштивме кон коритото на потокот, кое се наоѓаше на нешто помалку од 60 метри под нас. Во меѓувреме, истото го направија и членовите на дежурната екипа од Брник. Заедно, ги подготвивме и детето и таткото за транспорт – едниот со хеликоптер до болница, а другиот за неговото последно патување.
Често зборуваме за невидливи сили кои во различни системи на верување имаат различни имиња. Се чини дека вчера тие ја насочија сета своја моќ кон спасување на еден млад живот, но нивната сила не беше доволна кога стануваше збор за постариот маж.
Искрено се надеваме дека момчето брзо и целосно ќе закрепне и дека, заедно со остатокот од семејството, еден ден ќе успее да се помири со трагедијата што ги снашла. На семејството му изразуваме длабоко сочувство и ви благодариме што се воздржувате од коментирање“, стои во објавата на горската спасителна служба Бохињ за трагичниот случај крај водопадот Савица.
Аналитика








