
Државата е еден од најголемите купувачи во македонската економија. Преку јавните набавки, таа создава пазар за градежните компании, трговците, производителите, снабдувачите со опрема и фирмите што обезбедуваат различни услуги. Но, кога се анализираат јавните пари, не е важно само колку се трошат, туку и кај кого завршуваат и колку бизниси зависат од државата за да ги остварат своите приходи.
Во 2025 година беа објавени 30.698 договори за јавни набавки вредни 100,1 милијарда денари (над 1,6 милијарди евра) со 3.465 добавувачи и 1.114 договорни органи, покажува макроекономската анализа на Бизнис мрежа, што ја подготви „Пари“ презентирана на настанот Бизнис лидер.
Извор: Бизнис мрежа
Податоците откриваат и дека две третини од вредноста на договорите (68 %) се доделени со отворена постапка, а уште 23 насто со поедноставена отворена постапка.
Но, она што особено го забележуваат аналитичарите е дека има голема концентрација кај мал број добавувачи.
100 ОД 3.465 ДОБАВУВАЧИ ДОБИЛЕ 61 НАСТО ОД ВРЕДНОСТА
Иако во јавните набавки учествуваат 3.465 фирми, најголемиот дел од вредноста на договорите е концентриран кај релативно мал број компании.
Десетте најголеми добавувачи (според вкупната вредност на договорите) во 2025 година добиле една четвртина од вкупната вредност на договорите. Тоа значи дека секој четврт денар од вкупната вредност на сите јавни набавки отишол кај тие фирми.
Пошироката слика ја даваат првите 100 фирми рангирани според вкупната вредност на склучените договори за јавни набавки. Ним им припаднале 61 насто од парите.
Овие податоци сами по себе не значат дека постои неправилност во доделувањето на договорите. Големите инфраструктурни проекти, набавките со висока техничка сложеност и договорите што бараат значителни финансиски и кадровски капацитети природно можат да одат кај поголеми компании. Сепак, концентрацијата отвора прашање за тоа колку е широк кругот на фирми што можат да конкурираат за јавните пари.
Дополнителен показател е распределбата на набавките кај самите институции. Според податоците од Бизнис мрежа, лани имало 168 договорни органи што набавиле стоки и услуги во поединечна вредност поголема од 100 милиони денари. Kај половина од нив, еден добавувач добил повеќе од 26 насто од вредноста на набавките. Кај 17 насто од овие органи, еден добавувач учествувал со повеќе од половина од вкупната вредност.
ГРАДЕЖНИШТВОТО НАЈМНОГУ ЗАВИСИ ОД ДРЖАВНИТЕ ПАРИ
Зависноста на приватниот сектор од јавните набавки е особено изразена во градежништвото. Вредноста на договорите за јавни набавки склучени во 2025 година е еднаква на околу една четвртина од годишните приходи на градежните фирми.
Тоа ја покажува важноста на државните инвестиции и јавните инфраструктурни проекти за оваа дејност. Изградбата и реконструкцијата на патишта, објекти и друга инфраструктура отвораат работа за изведувачите, но и за поширок синџир на компании што обезбедуваат материјали, транспорт, механизација и специјализирани услуги.
Затоа динамиката на јавните инвестиции може да има директни последици врз деловната активност во градежништвото. Забавувањето на проектите или одложувањето на тендерите може да значи помал обем на работа за компаниите што се потпираат на државните договори, додека поголемите јавни инвестиции отвораат можности за нови приходи.
Зависноста не е ограничена само на градежниците. Кај медијалниот добавувач (на средина на листа од најмали до најголеми добавувачи), договорите за јавни набавки во 2025 година биле еднакви на 21,9 насто од неговите годишни приходи. Со други зборови, повеќе од една петтина од приходите на типичната фирма од оваа група се поврзани со договорите од јавниот сектор.
ПРОДУКТИВНОСТА ПОД ЛУПА: Колкава вредност создава еден работник во Македонија?
ДРЖАВНИТЕ ДОБАВУВАЧИ СЕ ПОГОЛЕМИ, НО ИМА И ПРОБЛЕМАТИЧНИ
„Бизнис мрежа“ од податоците изведува и заклучок дека добавувачите на државата се поголеми и финансиски поздрави од другите фирми: типичниот добавувач има промет од 17,6 милиони денари.
Сепак, има и добавувачи со финансиски проблеми.
„Помалку од 1 насто од вредноста на договорите склучени во 2025 година отиде кај добавувачи што на денот на склучувањето имаа блокирана сметка или беа на листата на даночни должници. Износот е мал, но покажува дека има простор за автоматски проверки во постапките“, беше кажано на настанот Бизнис лидер.
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








