
Утрото на индонезискиот остров Флорес почна со бегство од домовите, урнати објекти и илјадници луѓе кои бараа побезбедно место. Моќен земјотрес со магнитуда од 7,7 степени го погоди источниот дел на Индонезија, а како што пристигнуваат нови информации од тешко достапните подрачја, размерите на трагедијата стануваат сè поголеми.
Најмалку 20 лица загинаа, шест се повредени, а спасувачите трагаат по уште две лица за кои се верува дека се затрупани по свлечиште предизвикано од земјотресот.
Бројката на жртвите сè уште не е конечна. Индонезиската Национална агенција за управување со катастрофи – BNPB претходно објави значително пониски, официјално верификувани податоци и нагласи дека информациите од погодените места постојано се проверуваат. Дел од патиштата се блокирани од свлечишта, а прекините на електричната енергија и комуникациите дополнително ја отежнуваат проценката на вистинските размери на катастрофата.
Земјотресот се случил рано во саботата, на 15 август, а индонезиската агенција за метеорологија, климатологија и геофизика BMKG ја утврди неговата магнитуда на 7,7 степени. Епицентарот бил во морето, на околу 30 километри североисточно од Нагекео, на длабочина од само 15 километри.
Токму малата длабочина придонела потресот силно да се почувствува на големо подрачје. Жители сведочеле дека земјата се тресела околу една минута, а луѓето во паника ги напуштале домовите. Силни потреси биле почувствувани низ Источна и Западна Нуса Тенгара, како и во делови од Јужен Сулавеси.
Но, првиот удар не бил и последен.
До 10 часот по локално време BMKG регистрирала дури 111 последователни земјотреси. Нивната сила постепено се намалувала, а последниот во моментот на објавувањето на податоците бил со магнитуда од 3,8 степени. Властите, сепак, ги предупредија жителите да останат внимателни и да не влегуваат во оштетени објекти.
Првичниот земјотрес активираше и предупредување за цунами, поради што илјадници луѓе од крајбрежните места почнаа да се повлекуваат кон повисоките делови. Морето навистина реагираше. BMKG регистрирала промени на нивото на водата на повеќе места, а најголемиот измерен бран бил 0,94 метри во Мауроле-Енде. Во Лабуан Баџо бил измерен бран од 0,36 метри, во Сика од 0,19 метри, а во Флорес Тимур од 0,25 метри.
Опасноста од поголемо цунами подоцна беше отфрлена и предупредувањето официјално заврши во 7:31 часот по западноиндонезиско време.
Околу 2.000 жители на Нагекео ги напуштиле своите домови, а земјотресот оштетил куќи, магацини, јавни и административни објекти. Во делови од регионот снемало струја, сообраќајот бил блокиран, а свлечиштата дополнително ги отсекле погодените населени места.
Во Маумере, еден од најтешко погодените градови, спасувачите пребаруваат урнатини. AP објави дека жртви се пронајдени во Сика, Западен Мангарај и Источен Мангарај, а осум тела биле извлечени од свлечиште во селото Реок. Во Енде, пациенти биле изнесувани од болниците и медицинската опрема била преместувана надвор од објектите поради страв од нови силни потреси.
Дополнителен проблем за спасувачите е теренот. Свлечишта предизвикани од земјотресот пресекле дел од трансфлорескиот пат, главната патна артерија што се протега низ островот. До некои места спасувачките екипи се обидуваат да стигнат по море, додека индонезиската влада стави на располагање и хеликоптер за транспорт на помош и евентуални евакуации.
Според BMKG, земјотресот е поврзан со активирање на таканаречениот Flores Back Arc Thrust, активен расед северно од островот Флорес. Од агенцијата предупредуваат дека оваа сеизмичка зона има потенцијал за земјотреси со магнитуда меѓу 7,8 и 7,9 степени.
Токму историскиот контекст ја прави денешната катастрофа уште позагрижувачка. Во 1992 година истиот регион беше погоден од земјотрес со магнитуда 7,5 кој предизвика разорно цунами. Во катастрофата тогаш загинаа околу 2.500 луѓе.
Индонезија е навикната да живее со земјотреси, но денешниот потрес повторно покажа колку малку време остава природата за реакција. За неколку секунди домовите станаа урнатини, патиштата беа пресечени, а илјадници луѓе се најдоа на отворено.
Аналитика








