
Месечината доби нов кратер, но овојпат не од метеорит, туку од ракета создадена на Земјата. Горната фаза на „Фалкон 9“ на SpaceX на 5 август 2026 година удри во површината на Месечината, а НАСА неколку дена подоцна успеа прецизно да ја сними трагата што ја остави судирот.
Фотографиите се направени меѓу 11 и 12 август од Lunar Reconnaissance Orbiter – LRO, вселенско летало на НАСА кое орбитира околу Месечината уште од 2009 година. Снимките пред и по ударот покажуваат јасно формиран кратер широк околу 18 метри, односно 60 стапки, и длабок помалку од три метри. Околу кратерот се гледаат светли и темни зраци од месечева прашина и карпи исфрлени при судирот.
Ракетата „Фалкон 9“ беше лансирана на 15 јануари 2025 година, носејќи ги двата комерцијални лунарни лендери Blue Ghost 1 на Firefly Aerospace и RESILIENCE на ispace. Blue Ghost успешно слета на Месечината, додека RESILIENCE подоцна се урна на нејзината површина. По испораката на товарот, горната фаза на „Фалкон 9“ останала без доволно гориво за контролирано враќање и продолжила да се движи во високата орбита околу Земјата.
Со текот на времето, нејзината траекторија била дестабилизирана под влијание на гравитацијата и сончевото зрачење, по што делот од ракетата тежок околу четири метрички тони бил насочен кон Месечината. На 5 август тој ја погодил површината со проценета брзина од околу 8.700 километри на час, во близина на кратерот Ајнштајн на северозападниот дел од Месечината.
Иако брзината звучи огромно, таа е значително помала од онаа со која метеороидите обично удираат во Месечината. Токму затоа ударот бил релативно мал, а и самиот блесок не можел да се види од Земјата бидејќи местото на судирот во тој момент било осветлено од Сонцето.
Лоцирањето на кратерот било вистинска вселенска потрага. Независни астрономи први ја следеле траекторијата на ракетата користејќи отворени податоци, а потоа Центарот на НАСА за студии на објекти во близина на Земјата ги прецизирал пресметките. Првото летало што го фотографирало местото било јужнокорејскиот лунарен орбитер Danuri, само еден ден по падот.
Подоцна LRO направил серија фотографии од различни агли и под различно осветлување. За да се погоди точната позиција, инженерите морале исклучително прецизно да го насочат леталото, кое се движи на околу 100 километри над површината со брзина од приближно 1,6 километри во секунда. Според НАСА, само десет секунди разлика во времето на снимање можеле да ја поместат целта за околу 16 километри.
Анализата на фотографиите покажала дека потемните траги околу кратерот се составени од постар површински материјал кој долго време бил изложен на сончево и космичко зрачење, додека посветлите делови се свеж материјал исфрлен од подлабоките слоеви на Месечината.
Особено впечатливо е што пресметаното место на ударот било промашено за само околу еден километар, што покажува колку прецизно денес може да се следи движењето дури и на неконтролирани објекти во вселената.
Кратер широк 18 метри е речиси незабележлив во споредба со огромните природни кратери на Месечината, но неговото потекло го прави посебен. Овојпат лузната не ја оставил астероид, туку дел од ракета произведена на Земјата – уште еден видлив доказ дека човечката активност веќе остава траги и надвор од нашата планета.
(Фото: NASA Goddard/Intuitive Machines)
Аналитика








