ПОВЕЌЕ

    СЛАВЕСКИ: Поврзувањето на инстант плаќањата е клуч за побрзи и поевтини трансакции во регионот

    Време зa читање: 2 минути

    Дигиталната трансформација на финансискиот сектор, иднината на прекуграничните плаќања и растечката улога на дигиталните валути беа меѓу главните теми на Регионалниот состанок на гувернери што се одржа во Пула, Хрватска, во организација на Хрватската народна банка. На состанокот учествуваше и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, кој порача дека поврзувањето на системите за инстант плаќања во регионот претставува едно од најпрактичните решенија за побрзи, поевтини и потранспарентни прекугранични трансакции.

    Според Славески, регионалното поврзување преку решенија базирани на платформата клон на ТИПС би овозможило подобра интеграција со европската платежна инфраструктура, без притоа да се наруши монетарниот суверенитет на државите.

    На тркалезната маса посветена на дигиталните средства во традиционалниот финансиски систем, гувернерот нагласи дека технолошките иновации мора да создаваат реална економска вредност, преку поефикасни платни системи, подобра достапност на финансиските услуги и пониски трансакциски трошоци, наместо да бидат движени исклучиво од шпекулативни интереси.

    Тој предупреди дека дигиталната трансформација на финансискиот сектор не смее да се одвива без јасна регулаторна рамка, силна кибербезбедност и зачувување на довербата во финансискиот систем.

    Славески се осврна и на активностите што Народната банка ги презема во рамки на Финтек-стратегијата за периодот 2023–2027 година, посочувајќи дека институцијата активно ги следи глобалните трендови поврзани со дигиталните валути на централните банки и развојот на дигиталното евро.

    Во тој контекст, беше посочено дека како мала и отворена економија тесно поврзана со еврозоната, Македонија внимателно ги анализира можните ефекти од воведувањето на дигиталното евро врз домашниот финансиски систем.

    Народната банка веќе ги разгледува и потенцијалните ефекти од евентуално воведување дигитален денар, особено во делот на модернизацијата на плаќањата, финансиската вклученост и ефикасноста на монетарната политика.

    На состанокот беше истакнато и дека домашните банки и небанкарските финансиски институции сè повеќе инвестираат во нови технологии, дигитални платформи и автоматизација, при што дигиталната трансформација веќе се препознава како стратешки приоритет за идниот развој и поголема ефикасност на финансискиот сектор.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично