ПОВЕЌЕ

    Сергеј Зафироски: 11 години претприемачка авантура

    Време зa читање: 9 минути

    Во последната декада особено со брзиот развој на ИТ компаниите во светот, трендот “претприемништво” е во континуиран раст, што од една страна претставува позитивен тренд, но од друга ги измести основните гледишта за начинот на водење бизнис каде “претприемачите” имаат желба за брзо збогатување без многу работа. Разгледувано статистички повеќе од 90% од новооснованите претпријатијата не ја дочекуваат третата година од своето постоење, што означува дека компаниите најмногу “паѓаат” на краток/среден рок.

    За жал, многу мал процент од “претприемачката” литература се осврнува на тоа како и што навистина се случува при водење на компанијата од старт, а уште помалку ние како менаџери од Источна Европа имаме пристап до такви информации. Практиките од Западна Европа, а уште помалку Северна Америка се тешко применливи во нашиот регион.

    Која е вистинската тежина во водење на еден бизнис ретко кој ја опишува. Како почнува еден ден, кои се сите проблеми кои се појавуваат на дневно ниво, колкав е стресот кој го имаат претприемачите и како треба да работат да основаат успешна компанија. Секојдневно се соочуваш со многу позитивни, но и тешки одлуки кои што влијаат на повеќе луѓе. Сепак, да се вратам уште 100 пати повторно ќе ја донесам истата одлука, повторно би ги поминал сите ситуации, борби, радости, позитивни и негативни моменти. Да се изгради нешто кое има значење за себеси и општеството е единствената цел која за мене го оправдува постоењето, без разлика во кој домен станува збор приватно, работно, државно….

    Најголем интерес побудува каков е првиот период на бизнисот? Каква е првата година? Што ви кажуваат најблиските околу вас? Би сакал да опишам неколку ситуации и случки од стартот на нашата компанија, за да се има увид што значи да се започне компанија од минус, не од нула. По пат да се заборават начините на започнување на бизнис прикажан на филмовите, бидејќи имаат мал допир со реалноста.

    Ситуацијата во која се започна Инсајдер беше доста комплицирана за мене како основач. Најчесто на прашањето “Зашто започна свој бизнис?” одговарам “Од зорт!”. Во моментот бев без пари, работев работа која не беше платена но ми одземаше голем дел од времето, немав пари буквално да пијам кафе, блиската иднина не беше сјајна, не можев апсолутно ништо да правам, а идејата за агенција ја имав и развивав подолг временски период но никогаш не пронајдов време и храброст да ја почнам. Постојано во мојата глава се вртеше и сеуште се врти изрека од филмот Fight Club “It’s only after you lost everything that you’re free to do anything”. Колку и да звучи парадоксално, совршена ситуација за започнување на сопствен бизнис. Едноставно притиснати сте на аголот и апсолутно друга опција немате освен да започнете со туркање напред. И вака и така треба да туркате без разлика дали започнувате бизнис или не. И ден денес кога ќе кажам дека немало друг избор, сите одговараат секогаш има! Да има, но во Македонија кој е изборот, и со тој избор кој ти е напредокот?

    Компанија имав, лично моја, но блокирана, регистрирана во погрешен сектор и со погрешно име. Како вчера се сеќавам дека промената на називот изнесуваше 1.500 денари кои во моментот ми изгледаа како 1.500 евра. Интересна сцена која ја паметам, а ја доловува доста ситуацијата на почеток е експедицијата моја и на Мартин (првиот вработен дури и пред мене) во Нептун (супермаркет за техника) да купиме статичен телефон, бидејќи тој што го користевме за “cold calling” сеуште ги живееше 80-тите на минатиот век. Влеговме и стоевме над телефоните, ги гледавме се распрашувавме, па кој што има, какви карактеристики па какви копчиња, па ајде ќе размислиме! Да бидеме јасни, за телефон од 500 денари со вклучен кабел! Во такви моменти и донекаде ги разбирав луѓето што ме гледаа со потсмев и не веруваа во успех. Како сакате да ве гледаат кога немате 500 денари за статичен жичан телефон. Кафе на состанок беше особена привилегија, најчесто беше “Турско кафе” направено на плинска боца во нашата канцеларија, повторно набавена преку домашни канали.

    Прв пат кога проговорив дека ќе ја ребрендирам фирмата и ќе започнам со нудење на услуги, најблиските со исклучок на неколку личности ме гледаа под око и со половина уста и глас ми викаа “Супер, со среќа!”, а всушност се “крстеа” бидејќи во себеси се прашуваа “Што мисли или знае ли што прави човеков?”. Подалечните воопшто не се ни трудеа да го сокријат погледот и однесување на сожалување кога ќе споменев дека ќе почнам. Често прашање беше “И демек некој ќе плати за ваква услуга?” или пак коментарот “100% нема да ги издржи првите 6 месеци!”. Тогаш а и денес луѓето те гледаат со потсмев, со таа разлика што денес се зависни од тоа што они го перципираат успехот на компанијата од стојалиште на сопствениот неуспех.

    Да бидам искрен, и јас самиот неколку пати се крстев, всушност тој период се крстев од наутро до навечер и се прашував што правам, но и до ден денес го правам понекогаш истото, но од сосема друг аспект. Многу често ќе прочитаме во квази мотивациските книги “мораш да веруваш во себе! но по толку многу одбивања, неуспешни продажби и проблеми, се осврнуваш упатуваш молитви кон сите земјени и вонземски инстанции за помош. И еве после 11 години сеуште сме тука!

    Финансиски, ниту побарав средства, ниту некој ми понуди, ниту сакав да ми понудат или да барам. Ако побарав можеби некој ќе ми излезеше во пресрет можеби и не, најверојатно не, но во секој случај самиот решив дека доколку сакам да успее компанијата ќе успее така, без дополнителен финансиски ризик, бидејќи и така имав веќе два кредита со вкупна вредност за мене богатство.

    Просто кажано, пливате 1.000 км во стил делфин, а сте подготвени за 100 метри женски стил, додека под вас има Ајкули, а над вас брод со туристи кои сликаат, ви се смеат и чекаат да Ве “изедат” ајкулите  во буквално чисто за забава. Секогаш има мала група на неколку луѓе на бродот кои ја разбираат сериозноста на ситуацијата се симнуваат и се обидуваат да ви помогнат.

    Лично единствената работа што ме држеше а и сеуште ме држи на нозе беше фокусот кој ниту еден момент не го изгубив. Точно знаев што треба, како, зашто и со кого. Канцеларија за среќа имав бесплатна со вклучен интернет и телефон, биро и преносен компјутер. Единствениот неограничен, бесплатен, долготраен и солиден ресурс ми беше главата која сеуште добро не служи.

    И почнав, најпрво направив бази на компании за контактирање, видов каде би можел прво да одам, каде после тоа, финансиски пресметки колку средства се потребни за функционирање на компанијата, колку луѓе ми се потребни, како ќе настапам, презентации, некаков иницијален промотивен материјал итн итн.

    Во главно и директно појаснето, продажните состаноци на почетокот беа како класично “бришење кондури” со нас. Дури и среќни бевме доколку имавме прилика да отидевме на состанок па да не “измаршираат” по кратка постапка бидејќи реално и не не примаа во голем дел од компаниите.

    Првиот сериозен пробив кој го направивме беше 5 месеци од започнување со работењето на компанијата. Се работеше за една фармацевска куќа која што ни го довери маркетинг планот кој беше доста обемен и голем да го изработиме и реализираме. Продажниот состанок на кој ни се прифати понудата е приказна сама за себе, во која на крајот за влакно избегнав срцев удар од среќа, но се прифати и започнавме со активности.

    За да го искористиме периодот во која имаме финансиска стабилност, започнавме со интензивна и сериозна теренска продажба на услугите кај нови компании. Имав поставено цел дека секој ден ќе контактирам и ќе посетувам ефективно минимум 5 компании неделно од кои во 1 во текот од еден месец ќе имаме продажба. Системот се покажа како одличен и започнавме со работа и со други компании.

    Во целиот тој период, потсмевот, зависта и разочарувањата се нераздвоен дел . Разочарувањата, бидејќи луѓе кои сте ги сметале за блиски и сте мислеле дека може да се потпрете на нив се губат како “облак на ветер”. Чувството за кое нема многу зборови со кои може да се опише. Не можете ни да претпоставите колку луѓе ќе ги “снема” од вашите животи кога започнувате со бизнис, најчесто од некој тривијален страв дека ќе ги повлечете во дупката со вас доколку не успеете.

    Сите ние мечтаеме дека кога ќе отвориме наш бизнис, сите наши пријатели ќе те “претепаат” да дојдат да купат од кај нас. За жал или среќа (од оваа гледна точка) тоа не е ни приближно до реалноста. Истите луѓе што до претходниот ден се смееле, дружеле, јаделе, пиеле и што се не, ви креваат рака од спротивната страна на улицата и ве прашуваат “глупи прашања”, како да сте далечен познаник што го поздравувате само доколку се сретнат погледите и немате друга опција освен да кажете “кисело” здраво!

    Но далеку е се од негативно. До денес имам и многу пријатни изненадувања од луѓе кои сум ги стекнал прво како клиенти или пак соговорници за бизнис, но сега како едни од најблиски пријатели со кои разговарам и на многу теми надвор од бизнисот и работното време. Тоа е богатството што е непроценливо! Всушност, кога работите со слични луѓе на вас, креирате нови различни пријателства базирани пред се на заедничка визија за иднината и што би сакале да постигнете во иднина.

    Се осврнувам многу повеќе на негативните аспекти, бидејќи на почетокот од една страна е ентузијазмот да се изгради компанијата и да започне со работа, но од другата “излегуваат” многу вистини на површина какви се всушност луѓето кои се околу вас. Во буквално на почетокот се борите со се! Но да не се заборави дека најтешкиот противник во таа борба сте вие самите бидејќи целиот товар паѓа на нашиот грб, чувствувате огромен притисок од целата околина и треба да бидете доволно фокусирани да остварите продажба за да започнете со нормално функционирање. Во подоцнежниот период сите работи десеткратно се зголемуваат по обем и комплексност, но самата нивна природа е поразлична од тие во почетниот стадиум и сте подготвени да ги решавате.

    Еден совет што јас многу доцна го разбрав, но важно го разбрав а во тој почеток ќе ми беше од огромна корист, БЕГАЈТЕ ОД САМО НЕГАТИВНИ ИЛИ ПОЗИТИВНИ ЛУЃЕ и што повеќе дружете се и работете со професионалци и објективни индивидуи  што знаат и имаат способност секоја ситуација да ја гледаат мултидимензионално односно да ги видат и позитивните и негативните страни. Ги набројувам и позитивните бидејќи нивниот неоправдан оптимизам може да ве насочи во екстремно негативни за вас ситуации.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично