ПОВЕЌЕ

    Секој 242-ри пензионер зема висока пензија, а секој четврти минимална

    Време зa читање: 5 минути

    Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во јули избројал 330 884 пензионери. Од нив дури 82 191 или секој четврти пензионер зема најниска пензија. Бројот на пензионери со максимални пензии, пак истиот месец изнесувал 1366, односно во 242-ца пензионери еден може да се пофали дека зема висока пензија, покажува најновата статистика на Фондот.

    ПИОМ објави дека просечната пензија во јули изнесувала 16,348 денари. Најниските пензии се движат од 10,276 денари до 13,172 денари. Највисоките пензии, пак, започнуваат од 41,724 денари до максималната 60,294 денари којашто започна да се исплаќа од март месец.

    Она што се забележува од податоците е дека и натаму се продолжува јазот меѓу пензионерите во однос на примањата, односно побрзо расте бројот на пензионери со минимална примања, како и со повисоките од бројот на пензионери со средни примања, покажува анализата на „Пари”.

    Претходно во статистиката за јуни месец може да се забележи дека 90 162 пензионери земале пензии до 11,500 денари. Според последните бројки за јули во оваа група има најголемо зголемување на бројот на пензионери, односно бројот на пензионери кои земаат пензија во групата на најниски пензии се зголемил за 2,138 и изнесува 92,300. За 703, пак се зголемил бројот на пензионери кои земаат пензија во последната група над 18.001 денар. Бројот на пензионерите во втората група со пензии од 11.501 денар до 14.001 денари, се зголемил за 166 и во третата група со пензии од 14.001 денар до 18.000 денари нивниот број пораснал за 199.

    Кои се најбогатите пензионери во државата?

    Највисоката просечна пензија изнесува 23 507 денари и таа е воената пензија, додека пак најниска просечна пензија ја имаат корисниците на земјоделската пензија и изнесува 8,484 денари.

    Висината на просечната старосна пензија изнесува 17,653 денари, на инвалидската 14,687 и на семејната 13,033 денари.

    Најголем дел од пензионерите стекнале пензија врз основа на работното право и ниниот број изнесува 329,905. Корисници по воено право има 912 и по земјоделско право 67-мина.

    Статистиката на ПИОМ вели дека според корисниците на пензија по групи на исплати со 31.05 проценти најмногу има пензионери кои земаат пензија над 18.001 денар или во апсолутна бројка нивниот број е 102,724. Втората најбројна група на исплати со учество од 27.89 процент се исплатите до 11,500 денари, а бројот на пензионери со овие примања како што веќе објавивме изнесува 92,300.

    Од 11, 501 денар до 14,000 денари процентуалното учество изнесува 20.07 и нивниот број е 66,420 пензионери. И пензии од 14,001 до 18,000 денари земаат 69,440 пензионери или 20.99 проценти.

    НАЈНИСКИ ПЕНЗИИ

    Точно 2,960 пензионер во јули ја земале најнискaта пензија во висина од 10.276 денари. Станува збор за пензионери кои правото да заминат во пензија го оствариле  од 01.01.1997 година и тоа во третата група.

    Според последните објавени податоци на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) за месец јули, во категоријата најниски пензии висината на месечните примања на пензионерите се движат од 10.276 до 13.172 денари. Вкупниот број на пензионери кои спаѓаат во категоријата со најниски пензии изнесува 82,191 или секој четврт пензионер во државава влегува во оваа категорија.

    Бројката од 2,960 пензионери се најсиромашните помеѓу пензионерите со најниски примања. Најбројни корисници, пак на најниски пензии се оние што оствариле право на пензија по 2002 година, нивниот број е 68,101. Од нив, 44,717 земаат пензија малку над најмалата, односно 10.791 денар.

    МАКСИМАЛНИ ПЕНЗИИ

    За разлика од пензионерите со најниски пензии кои се 25% од вкупниот број на пензионери во земјава, процентот на пензионери кои уживаат во најголемите пензии е само 0,4 отсто.

    Во бројка тоа изнесува 1,366. Во оваа група висината на пензиите се движи од 41.724 денари до највисоката 60.294 денари. Од нив, најмногу 866 пензионери земаат пензии во висина од 43.465 денари. Највисоката меѓу максималната пензија (60.294 денари) што почна да се исплаќа од март ја земаат 47-мина или во оваа најдобитна комбинација секој месец се придружува уште некој пензионер.

    БРОЈОТ НА ПЕНЗИОНЕРИ ЗГОЛЕМЕН ЗА 2,181 ЛИЦА

    Бројот на пензионери во јули  се зголемил за 2,181 лице, пресметал Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Истиот месец починале 1,156 пензионери.

    КОЈ ЈА ТРОШИ ЧЛЕНАРИНА НА ПЕНЗИОНЕРИТЕ? УПЛАТЕНИ 1,1 МИЛИОН ЕВРА ДО АВГУСТ

    За членарина во пензионерските здруженија пензионерите до август месец уплатиле дури 1,1 милион евра. Иако поголемиот дел од пензионерите немаат никакви активности во здруженијата ниту се запознаени дека им се крати од пензијата за членарина поради интересот да уплаќаат за посмртнина во Солидарниот фонд се принудени да плаќаат и на здруженијата. Имено, оној што сака да уплаќа во фондот мора да плаќа и членарина за здруженијата. А бројот на овие пензионери изнесува во јули 310 900. Висината на членарината е 30 денари, а за Солидарниот фонд се плаќаат 150 денари.

    Од Солидарниот фонд до јули е постапено по 11,961 барање. За посмртнина исплатени се средства во износ од 5,2 милиони евра.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање на хиперлинк до содржината што се цитира.
    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично