ПОВЕЌЕ

    MBA: Укинувањето на дозволата на една мала банка не ја доведува во прашање стабилноста на системот

    Време зa читање: 3 минути

    Македонската банкарска асоцијација следејќи ги најновите настани и дискусии во јавноста  одржа состанок на кој се дискутираше за здравоста на банкарскиот систем и улогата на Народната банка.

    Членките на Македонската банкарска асоцијација едногласно заклучија:

    1. Македонскиот банкарски систем е стабилен и укинувањето на дозволата на една мала банка не ја доведува во прашање стабилноста на системот. Банките и штедилниците продолжуваат да се грижат за клиентите – штедачите и кредитокорисниците и во услови на ковид-пандемија. Во периодот на зголемен број на новозаразени лица, членките на Асоцијацијата апелираат што повеќе да се користат електронските канали за пристап до банкарските услуги и плаќањето со картички во малопродажната мрежа. На тој начин се намалуваат ризиците за ширење на пандемијата.
    2. Независна и професионална централна банка е еден од столбовите на стабилноста на банкарскиот сектор. Во изминатиот период сме сведоци на обиди за задирање во професионалниот пристап на работење на Народната банка. Со тоа се доведуваат во прашање и европските постулати и високите меѓународни стандарди на централнобанкарското работење, коишто се гаранција за макрофинансиската стабилност. Оттука, Македонската банкарска асоцијација во името на сите банки и штедилници во земјата, изразувајќи загриженост од ваквите појави, апелира до сите општествени чинители да не се дозволи да се доведува во прашање поставеноста и начинот на работа на централната банка, коишто во согласност со европските стандарди и регулатива се законски гарантирани.

    Важноста на независноста и професионалноста на Народната банка, постојано се нотирани од меѓународните финансиски институции, како и од Европската Унија. Истовремено, континуирано се високи и позитивни и нивните оцени за остварувањето на целите и задачите на Народната банка, како и за усогласеноста на севкупното нејзино работење со највисоките меѓународни стандарди и најдобрите меѓународни практики. Вклучително и во текот на актуелната ковид-криза, кога уште еднаш се потврди дека Народната банка, суштински е стожерот на финансиската и севкупната макрофинансиска стабилност.

    Впрочем, благодарение на вложениот максимум од Народната банка, македонската економија досега успеа да одговори на бројни предизвици и да совлада повеќе епизоди на криза. Доколку Народната банка не го дадеше својот максимум, во изминатите децении, македонската економија можеше да се соочи со низа негативни и подолготрајни ефекти од случувања коишто ја засегаа и коишто креираа неизвесност кај економските субјекти. Без финансиската и макрофинансиската стабилност коишто со своето успешно, професионално и законито работење ги гарантира Народната банка, не може да се очекува ни просперитет на економијата.

    Истовремено, не треба да заборавиме дека независноста и професионалноста коишто се клучни за успешното работење на централната банка се и важен предуслов за евроинтегративниот процес на земјата, имајќи ги предвид европските стандарди и принципи, како и европското законодавство, коешто во голем дел е транспонирано во македонската регулатива.

    Како што имаме истакнато и претходно – силната и независна централна банка е клучен столб за стабилност, раст и развој на секоја економија и претставува јавно добро од висок интерес за секое општеството.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично