ПОВЕЌЕ

    ПРОДАЖБАТА НА ВОЗИЛА НА БРЗ КОЛОСЕК: Секој ден по еден милион евра промет кај 10-те бизнис лидери

    Време зa читање: 5 минути

    Глобалната автомобилска индустрија изминативе години минуваше низ период на криза и неизвесност. Пандемијата предизвика прекин на синџирите за снабдување со делови од Азија во Европа и САД. И македонската автомобилска индустрија се соочуваше со многу големи предизвици врз кои индиректно влијание имаа глобалната криза со недостиг од чипови, енергетската криза, поскапувањето на речиси сите суровини, недостиг од работна сила итн.

    Порталот Пари во соработка со Бизнис мрежа анализира кои автомобили биле најпродавани и колку заработиле ТОП десетте бизнис-лидери во трговија на големо со моторни возила.

    Според податоците, Македонците претпочитаат европски производители на нови возила, а најголеми приходи лани од продажба на нови возила и од сервис оствариле компании коишто на нашиот пазар увезуваат германски и француски возила. Десетте најголеми увозници на автомобили минатата година направиле промет од околу 365 милиони евра. Толку пари оставиле граѓаните, фирмите и институциите. Тоа, пак, на тие компании им донело профит од околу 27 милиони евра. Продажбата на нови моторни возила и заработката од неа, лани достигнале рекордни бројки.

    КОЛКУ ПАРИ ОСТАВИЛЕ ГРАЃАНИТЕ И ЗА КАКВИ КОЛИ?

    Податоците покажуваат дека најголем приход во широката понуда на возила минатата година има увозникот на реномираните германски производители фолксваген, ауди, порше, чешка шкода и шпански сеат. Станува збор за компанијата Порше Македонија. Во 2023 година остварила приход од околу 92,5 милиони евра, а тоа е раст за 58,36 насто во споредба со 2022 година, кога прометот изнесувал 58,6 милиони евра.

    Помал приход има остварено увозникот на најпопуларниот европски производител мерцедес-бенц, а тоа е компанијата Мак Аутостар. Овој бизнис-лидер направил промет од 72,7 милиони евра. И оваа компанија има раст на приходите за речиси 40 насто.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Трет на листата по остварени приходи е застапникот на пежо, Еуроимпекс. Граѓаните и фирмите во оваа компанија купиле моторни возила во износ од речиси 43,2 милиони евра.

    По него е компанијата Автонова ‒ увозник на ситроен, којашто лани има остварено раст на приходите од речиси 20 насто во споредба со 2022 година, и изнесува речиси 37,9 милиони евра. На претходната листа шести, а на оваа петти – М-Кар е дел од првата петорка на трговци на големо со моторни возила рангирани по приходи. Прометот на М-Кар достигна над 27 милиони евра. По околу 20 милиони евра приход имаат остварено Тојота авто центар и Гранд ауто.

    КОЛКУ ЗАРАБОТИЛЕ ДЕСЕТТЕ БИЗНИС-ЛИДЕРИ?

    Вкупната заработка на бизнис-лидерите во категоријата трговија на големо со моторни возила изнесува околу 27 милиони евра. Сепак, кога станува збор за тоа кој направил најголема заработка, прворангиран е застапникот на мерцедес. Мак Аутостар има остварено заработка од 6,4 милиони евра.

    На втора позиција е Друштвото за трговија на големо и мало Ма Труст Скопје, иако воопшто не се наоѓа на ранг-листата во првите десет по приходи, но сепак од трговија со автомобили и моторни возила од лесна категорија, лани заработило 4,3 милиони евра.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Компанијата што го освои првото место по приходи, Порше, во рангирањето по добивки е на трето место со профит од 4,04 милиони евра. Во моќната петорка по остварена добивка спаѓаат М-Кар со профит од 3,5 милиони евра и Автонова со 2,9 милиони евра.

    Овие две компании се и меѓу првите пет по приходи. Нето-добивката од 1,2 милиони денари ја рангираше јапонската компанија Тојота на седмо место. Заработката на Тојота во 2023 година е на слично ниво како и преклани, со раст од само 3,97 насто. Последната десетка по добивка ја заокружува бизнис-лидерот Волво Македонија со профит од 522 илјади евра.

    КОЛКУ ВРАБОТЕНИ БРОИ ОВАА ТРГОВИЈА?

    Најголем работодавач во трговијата на големо со моторни возила е Порше Македонија. Оваа компанија брои 106 вработени. Зад него следи Еуроимпекс со 92 вработени, додека, пак, на трето место е рангиран Мак Аутостар, каде што за леб заработуваат 75 луѓе. Останатите компании бројат од 28 до 60 вработени.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Автомобилската индустрија е динамична и конкурентна сфера на постојани иновации, турбуленции и борба за нови клиенти и производи на глобално ниво. Успехот на бизнис-лидерите на најголемите автомобилски брендови не се должи само на моќта на врвните брендови кои се застапуваат и нивниот изграден и препознатлив имиџ, туку и на посветениот начин на работа на локалниот тим и грижата за клиентите, бидејќи тоа го сака населението.

    Текстот го подготви Катерина Михајлова, новинар од редакцијата на порталот Пари, наменски за настанот Бизнис Лидер

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично