ПОВЕЌЕ

    ПРОБЛЕМИТЕ СЕ РЕШАВААТ СО КРЕДИТИ – Граѓаните им должат на банките четири милијарди евра

    Време зa читање: 2 минути

    Македонските граѓани кај банките се задолжени со 239.937 милиони денари или со 3,89 милијарди евра. Таа сума е доминантна во вкупните кредити од 7,55 милијарди евра што ги одобриле банкарите. И, на кои пресметуваат и наплатуваат камати, кои се основниот извор на нивните приходи и добивки.

    Од месец во месец износите растат, но претставата за кредитната ориентација на населението не се менува. И во јули најбарани биле потрошувачките кредити, по кои најчесто се посега кога притискаат финансиските проблеми. Месечното зголемување е за 0,9, а годишното за 6,3 насто, при што е достигнат износ од 123.964 милиони денари што е противвредност на над две милијарди евра. Повеќе од половина од вкупниот долг.

    Понатаму, податоците на Народната банка покажуваат дека во текот на минатиот месец станбените кредити забележале раст од 0,8 проценти, додека на годишно ниво – 10,5 проценти. За обезбедување сопствено живеалиште, граѓаните користат кредити во вкупен износ од 88.583 милиони денари, односно 1,43 милијарди евра.

    Во јули се купувале и автомобили на кредит, па статистиката запишала месечен раст од 2,5 и годишен од 23,6 проценти. Притоа, достигнат е прагот од 7,6 милиони евра.

    Како и во претходните месеци, така и во јули има намалување кај задолжувањето со кредитни картички – за 0,2 на месечно и за осум отсто на годишно ниво. Воедно, пад има и кај негативните салда на тековните сметки, за еден процент. Сепак, имаат годишен раст од 8,4 насто.

    Кредити, пак, одобрени врз други основи немаат месечна промена, но затоа за една година се намалени за 18,4 отсто.

    Потребата за пари во јули ги зголемила позајмиците за 0,8 насто. Кај годишниот раст има плус 7,5 проценти.

    Колку и да се задолжуваат, македонските граѓани не ја губат навиката за штедење. Банките во јули располагале со депозити од вкупно 8,88 милијарди евра. Од тие пари, речиси шест милијарди евра, поточно 367.103 милиони денари се пари доверени од населението, кое преферира влоговите да бидат во домашната валута.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично