ПОВЕЌЕ

    Прилепска пиварница со добивка од 1,45 милиони евра – летната продажба на пивото потфрли

    Време зa читање: 2 минути

    Намалената домашна побарувачка на пиво се одразила врз прометот на Прилепската пиварница, но и покрај тоа, остварен е позитивен резултат. Сепак, предизвикот останува, бидејќи „загубеното“ не е надоместено во летните месеци, кога за разладување, вообичаено се купуваат поголеми количини од овој пијалак.

    Во првата половина од годинава, приходите опаднале за 3 отсто, но прилепската компанија успеала да направи поважна разлика на другата страна од сметката – расходите ги скратила за 7 отсто. Тоа придонело полугодието да се заокружи со добивка од 1,45 милиони евра.

    Од реализираните активности во касата влегле вкупно 17,35 милиони евра, наспроти 17,93 милиони евра во првото полугодие лани. Речиси целиот приход или 95 отсто доаѓа од продажбата: 16,55 милиони евра се инкасирани од пласманот на производи и стоки во земјата и странство. Притоа, со домашно потекло се 16,38 милиони евра.

    Подобра е состојбата на расходната страна. Трошоците се намалиле од 17,15 милиони евра на 15,89 милиони евра. Најголемото кратење е постигнато кај трошоците за суровини и материјали.

    И со послаб приход, компанијата успеала да го задржи позитивниот резултат. Од Прилепската пиварница оценуваат дека планот за првите шест месеци е реализиран на задоволително ниво.

    Меѓутоа, второто полугодие носи поголема неизвесност. Од компанијата сметаат дека тешко може да се оствари значителен раст на приходите, особено поради неповолните движења кај продажбата во летните месеци:

    „Заради неповолните движења во продажбата во шпицот на сезоната (летните месеци) очекувањата се дека тешко ќе се оствари значителен раст на страната на приходите. А имајќи ги во предвид зголемените расходи кои траат во континуитет, предвидувањата се дека тешко би се оствариле подобри резултати во добивката од претходната година“.

    Оттаму и предвидувањата за целата 2026 година – добивката да остане приближно на нивото од 2025 година.

    Инвестициите, сепак, продолжуваат. Во првото полугодие Прилепската пиварница ставила во употреба средства со набавна вредност од 763,2 илјади евра, вложени во недвижности, постројки и опрема.

    А профитот од 2025 година засега нема да оди кај акционерите. Собранието донело одлука добивката по оданочување да не се распределува, туку да остане во компанијата.

    Во втората половина од годината фокусот останува на три работи: намалување на трошоците, поголема ефикасност во производството и модернизација на опремата.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично