ПОВЕЌЕ

    КАМИОНЏИИТЕ ЌЕ ПРОТЕСТИРААТ ПРЕД КАНЦЕЛАРИЈАТА НА ЕУ во Скопје, проблемот со Шенген далеку од решение

    Време зa читање: 4 минути

    Асоцијацијата на меѓународни камионски автопревозници Макам-Транс најави голем протест со камиони во центар на Скопје, поради се уште нерешениот проблем со престојот на возачите во Шенген-зоната. Според најавата, протестот треба да се случи на 31.08.2026 година пред седиштето на Делегација на Европската Унија во Скопје, со минимум 20 возила и присуство на голем број физички лица од сите градови на државата (сопственици, возачи и други вработени) и ќе биде дел од координираните протестни активности во сите четири држави засегнати со проблемите настанати со функционирањето на новиот ЕЕС систем за влез во ЕУ – Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија.

    Според најавата на Макам-Транс, протестот наредниот понеделник ќе го блокира центарот на градот во временски период од 12:00 до 14:00 часот.

    На 21.08.2026 година се одржа состанок на превозници на кој се разговараше за проблемот на професионалните возачи 90/180 денови престој во Шенген Зоната, на кој се потврди одржување на двочасовен протест. Овој протест треба да му претходи на состанокот во Брисел на Работната група кој треба да се одржи на 01.09.2026 година.

    Доколку на состанокот не се донесе преодно решение за престој на возачите во Шенген Зоната, како што соопштуваат од Макам-Транс, предложено е да се одржи протест на граничните премини на секоја држава поодделно со почеток на 14.09.2026 година. За овој вид на протест потребно е согласност од превозниците на секоја држава, но и добивање на одобрение од надлежните органи, особено што се планира ист протест како и во јануари оваа година, кој може да трае подолго и од 10 дена.

    Во оваа фаза асоцијациите од четирите држави собираат согласност од превозниците за организација на протестот како предупредување на Европска Унија, која во изминатите седум месеци не покажа добра волја за надминување на проблемот иако во визната стратегија се признаа возачите како професионалци кои вршат дејност. Ќе се побара согласност од надлежните органи и дефинирање на стоки кои ќе се пропуштаат, а се од интерес на државата и целокупното население (нафта и нафтени деривати, јаглен, потребни орудија и препарати за општините и јавните претпријатија, муниција и др.)

    За оваа цел е пратена анкета како би се утврдила согласноста од поголем број на превозници (70%) во државата или одбивање на предложениот протест доколку генерално нема согласност од превозниците, се вели во соопштението на Макам-Транс.

    Клучниот спор се однесува на правилото за престој во Шенген зоната, според кое државјани од земји што не се членки на ЕУ можат да престојуваат најмногу 90 дена во период од 180 дена. Професионалните автопревозници од Македонија и регионот се соочуваат со сериозен проблем поради строгата примена на правилото за ограничен престој од 90 дена во период од 180 дена во Шенген-зоната. Дигиталното следење ги брои деновите на возачите кои се во европските земји поради работа, а не како туристи, што предизвикува застои во транспортот и казни

    Превозниците од Западен Балкан бараат професионалните возачи да бидат изземени од ова правило, со образложение дека нивната работа подразбира постојано движење низ повеќе европски земји. Сепак, работната група на Европската комисија ги отфрли овие предлози и порача дека нема да има исклучоци.

    Брисел нагласи дека правилото 90/180 останува конечна рамка и дека транспортните компании ќе мора да се прилагодат на новите услови.

    Министерот за транспорт Александар Николоски минатата недела порача дека не мисли оти протестите се решение и дека поконструктивно е да се бараат други начини за надминување на проблемот. Владата, според него, сега се обидува да обезбеди решение преку билатерални договори со државите низ кои македонските превозници најчесто транзитираат или во кои работат. Тој посочи дека такви аранжмани веќе има со Хрватска, Швајцарија и Романија, а разговори се очекуваат или се водат со Австрија, Унгарија, Германија и Словенија.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично