Зголемена депозитната база, повеќе одобрени кредити и наплатени камати бележи Централна кооперативна банка во првото годинешно тримесечије. Четирипроцентен раст има кај вкупната актива која на последниот ден од март достигнува 3.551.674 илјади денари, односно 220,3 милиони евра. Но, добивката добивката во износ од 7.806 илјади денари или 127 илјади евра е за 18 отсто пониска од оствареното во истиот минатогодишен период.
Депозитната база е поголема за пет проценти и е на нивото од 11.446.939 илјади денари (186,1 милион евра). Според образложението, ова се должи на повисоките каматни стапки.
Во трите месеци ЦКБ евидентирала минимално еднопроцентно зголемување на небанкарските кредити споредено со состојбата од крајот на минатата година. Движењето е направено врз основа на кредитите одобрени на граѓаните, а нивната вкупна вредност е 7.711.525 илјади денари (125,4 милиони евра).
На страната на приходите, се посочува дека Банката остварила за четири насто повисоки вкупни приходи од камати, при што се запишани 134.670 илјади денари (2,2 милиони евра). А, нето-приходите од камати, во однос на споредбениот лански период, се поголеми за еден процент, а сумата е 83.051 илјада денари (1,35 милиони евра).
За дадените услуги во првиот квартал, ЦКБ од клиентите наплатила 47.175 илјади денари (767 илјади евра), односно приливите од провизии се поголеми за два проценти. Сепак, под влијание на зголемените расходи за 9 проценти, нето-приходите од провизии и надомести имаат трипроцентен пад.
Нето–приходите од курсни разлики се за 19 насто поголеми споредено со ланскиот прв квартал. Останатите приходи од дејноста се повисоки од планираните за 10 насто, а за еден отсто се пониски во однос на истиот период од 2024 година.
Кај расходите, зголемени се трошоците на ЦКБ за вработените, но се наведува, за три проценти се пониски од планираните. Останатите расходи имаат раст од шест насто.
И во периодот што следи, велат од ЦКБ, ќе продолжат со континуираните напори за остварување на плановите, но без да се компромитира високото ниво на квалитет на кредитното портфолио. „Посветеноста кон зголемување на квалитетот и ефикасноста во клиентската услуга и зголеменото клиентско задоволство остануваат на врвот на приоритетите“.